Внимавајте што пренесувате преку граница – казната е доволно висока за да ви го расипе одморот
Како што се ближи времето за летните годишни одмори, кое многумина од нас ќе го поминат надвор од Македонија, така почнуваат да стануваат актуелни и прашањата што може, а што е забрането да се пренесе преку граница.
На социјалните мрежи веќе се појавија и активно се вртат неколку сведоштва на граѓани кои раскажуваат дека биле принудени да платат дебели казни на граница само затоа што претходно не биле добро информирани за количината на производите што ги пренесуваат од држава во држава.
– Колку пари е дозволено да се пренесат преку граница?
За време на преминувањето на граничниот премин, еден патник може да поседува најмногу до 10.000 евра во кеш. Ако тој ист патник поседува повеќе од 10.000 евра, тогаш потребно е тоа да го пријави кај цариникот. Доколку не ги пријави парите, а поседува поголема сума од дозволената, тогаш против него ќе биде поднесена прекршочна пријава и ќе му бидат одземени сите пари.
– Колку цигари е дозволено да пренесете преку граница?
Еден патник преку граница може да пренесе 40 кутии со цигари, 20 цигарилоси, 10 пури и 50 грама тутун, но само доколку преминува копнена граница. Доколку патникот преминува граница на аеродром, тогаш дозволено е да пренесе најмногу 200 цигари, 100 цигарилоси, 50 пури и 250 грама тутун. За прекршување на ова правило следува казна до 500 евра.
– Колку алкохол е дозволено да пренесете преку граница?
При преминување граничен премин, главно е дозволено да пренесете 0.5 литри жесток пијалак со 22% алкохол, 0,5 литро вино и 2 литри пиво. Акцизните производи (пијалаците, цигарите, горивото) можат да ги пренесуваат преку граница само лица постари од 17 години.
– Што е забрането да носите во рачниот багаж во авион?
Секоја авиокомпанија има своја одредена политика по која ги класификува и ги санкционира содржините на патничкиот рачен багаж. Освен тоа што во рачниот куфер за авион не можете да ставите течност поголема од 100 милилитри, така не смеете да ставите и оружје кое би можело да предизвика било какви повреди: огнено оружје, жилет, ножеви и сечила подолги од 6 сантиметри, ножици со сечила подолги од 6 сантиметри, скалпели, опрема за боречки вештини со остар врв, палки за безбол…
Лаптоп компјутер се смета за личен багаж и можете да го носите со себе во авионот. Преку граница може да пренесете и еден парфем и една тоалетна вода.
Лекови можете да пренесувате, но само во количина која е предвидена за лична употреба. Цариникот може да ви побара лекарска потврда за тоа дека лековите се за вас, па во тој случај е потребно да приложите фотокопија од лекарска рецепта или некој друг доказ.
Освен горивото коешто се наоѓа во резервоарот, дозволено е да пренесете и канта со најмногу 10 литри гориво.
Целиот текст е на denar.mk