Дури и ако не се сомневате дека вашите сметки се компромитирани, користете ја алатката од овој текст и проверете дали вашите податоци се меѓу 11-те милијарди компромитирани сметки.
Нашите лозинки не се 100% безбедни и секогаш постои ризик од нивно „протекување“ преку директни напади на вашите сметки или онлајн услуги кои складираат кориснички податоци. Поради ова, корисниците се охрабруваат да ги искористат предностите на менаџерот за лозинки и да користат автентикација во два чекора.
Со оглед на тоа дека безбедносни упади се случуваат одвреме-навреме и дека злонамерни субјекти продаваат компромитирани информации за најавување на dark web, не штети да се провери дали некоја од вашите лозинки е украдена.
Have I Been Pwned е сигурен сајт лансиран во 2013 година од Трој Хант, регионален директор на Microsoft. Популарен е во светот на сајбер безбедноста за откривање упади, кражба на податоци и едукација на технолошки професионалци, а со детали за речиси 11 милијарди компромитирани сметки, неговата алатка е најпопуларниот начин да откриете дали вашата лозинка е сè уште безбедна.
Користењето на услугата е многу едноставно и потполно бесплатно. Посетете ја официјалната страница Have I Been Pwned на вашиот омилен прелистувач и внесете ја вашата адреса за е-пошта или телефонски број (со регионален код). Во рок од неколку секунди, ќе ги дознаете деталите за сите прекршувања на приватноста каде што вашите податоци се компромитирани.
Оваа страница има и неколку други одлични алатки за проверка на безбедноста. На пример, Pwned Passwords им овозможува на корисниците да ја внесат само својата лозинка и да проверат колку пати е украдена.
Генерално, самата алатка е безбедна за употреба. Дури и за компромитирани сметки, соодветните лозинки не се складираат во базата на податоци, што го намалува ризикот од понатамошно компромитирање.
Извор: kajgana.com