Македонските работници често се жалат дека во земјава немаат големи шанси за напредок и дека стагнираат со платите. Наташа Ивановска, сертифициран кариерен советник, тренер и консултант за човечки ресурси, потврдува дека странските компании функционираат поинаку од нашите, но таа ги охрабрува младите да вложуваат во своето знаење, да се доедуцираат, да посетуваат семинари, затоа што тоа е патот кон напредокот на професионално поле.
Таа објаснува дека воведот во нова позиција вообичаено трае од еден до три месеци. Во овој период, лицето кое се обучува треба да добие ментор и програма за вовед на работно место.
Сепак, за работниците напредок во кариерата е повисока плата, но и поставување на работникот на повисока позиција.
Младите луѓе, како што вели Ивановска треба да работат на продлабочувањето на своите знаења и компетенции.
„Постојано да учи и да се надоградува. Да биде вработлив во секое време, со вештини и знаења кои се актуелни и потребни на компаниите. Кај нас, сè уште се смета дека учењето завршува со завршувањето на формалното образование и дека развојот понатаму е обврска на работодавачот. Всушност, од секој од нас зависи што имаме да понудиме и по што сме различни и подобри од другите до нас. Постојано следење на нови трендови од областа, посета на настани, обуки, следење на видеа на интернет...скоро и да нема изговор дека некој немал прилика да научи нешто ново. И на крај, можеби најважно е да ги негува ставовите кои му одат во прилог на успехот – дека може, дека има прилики, дека квалитетот секогаш ќе биде препознат и дека се цени. Со овие ставови и лични компетенции, ќе стигне до компаниите кои сето ова ќе знаат и да го вреднуваат“, рече нашата соговорничка.
На многу истражувања младите во земјава се изјасниле дека својата иднина ја гледаат надвор, дека не се задоволни од висината на платите и од можностите за напредување. Како проблеми младите го наведуваат и фактот дека тешко наоѓаат работа по струка.
Извор: faktor.mk