Бранот поскапувања низ Европа ја зафати и Грција, а освен што годинава ќе издвоиме повеќе пари за туристички аранжмани, ќе се соочиме и со повисоки цени на секојдневната храна. Така, традиционалните улични гиро или суфлаки станаа вистински луксуз за „обичните“ туристи на Миконос, со цени кои се движат од 9,40 до 15 евра!
Грчката телевизија Мега наведува дека гиро или суфлаки со свинско месо на Миконос чинат 9,40 евра, а оние кои ќе одлучат да додадат сирење халуми на гирото или суфлаките ќе мора да го „исечат паричникот“ и да платат 13,90 евра за најпопуларната грчка улична храна. . Најскапа, пак, е комбинацијата од ражњичи и ќебапи, која на островот на ветровите е 14,90 евра.
Од друга страна, оние кои ќе се решат да јадат гиро или сувлаки во ресторан во форма на порција, можат да сметаат на цени кои почнуваат од само 17.50 евра, додека некои варијации на темата се 19.90.
„Вистината е некаде на средина. Сопственикот на обичен ресторан за брза храна во градот Миконос плаќа четири илјади евра месечно кирија за просториите, освен тоа мора да им плати на сезонските работници и да им најде сместување, па храната не може да биде ниту поевтина. Но, ако излезете надвор од градот, можете да најдете суфлаки од 4,40 евра, не мора да биде толку скапо“, вели Петрос Назос, новинар на Mykonos Live TV.
На изјавата на водителот дека Миконос одамна е остров што просечните Грци не можат да си го дозволат, а цените само продолжуваат да растат, Назос одговара:
„Затоа го имавме најлошиот мај во последните 20 години, половина од хотелите останаа затворени. Ова е многу скап остров на кој не може секој да дојде, бидејќи храната и пијалоците имаат иста цена во мај и во август.
Во Санторини, гиро или суфлаки (со какво било месо) чинат најмалку 6,50 евра, додека порциите од истите јадења во рестораните почнуваат од 16 евра.
Цените се малку пониски на Парос, каде улично гиро или суфлаки се околу 5,50 евра, а во порции од 14.
Во „поскромниот“ Саронски Залив, поточно на островот Хидра, уличната храна започнува од 4,50 евра, додека на соседниот Спес е евро помалку.
Лија Хајдироглу, сопственичка на дуќан во Солун, вели дека во последно време месото поскапело, поради што морала да ги зголеми цените на она што го нуди.
„Клиентите се шокирани кога ќе им кажам дека обичното гиро без никакви додатоци е 4,30 евра“, вели таа во интервју за ТВ Мега.
На блискиот Халкидики годинава се бележат и повисоки цени на суфлаците и гирото. Имено, најевтиното суфлаки чини најмалку 4,30 евра, а оние што сакаат гиро или суфлаки во лепче наместо пита ќе треба да потрошат и до 5,50 евра.
„Проблемот е што Халкидики е далеку од остатокот од Грција, па добавувачите мора да патуваат многу километри за да ни ги донесат производите што ни се потребни, поради што цената што ја наплаќаме на нашите клиенти е повисока“, изјави сопственикот на ресторан за брза храна.
Извор: faktor.mk