Најдобриот тенисер на светот, Новак Ѓоковиќ, неодамна постигна вонсериски успех кога со победата на Ролан Гарос го освои 23-от Гренд слем во кариерата.
За неговиот успех се пресудни многу фактори, а освен посветеноста, менталната подготвеност и исклучителната форма која ја одржува, сигурно е дека и неговата исхрана влијае на крајните перформанси.
Познато е дека Новак од својата исхрана го исфрлил месото, рибата и животинските производи и не јаде млечни производи. Тенисерот се обидува да јаде избалансирани намирници кои му даваат сила, а сличен начин на исхрана има и неговата сопруга Јелена.
„Не јадам месо, риба, млечни производи или шеќер. Мојата диета е 70 отсто сирова храна, 30 отсто варена (супа, тестенини, киноа, ориз). Јас немам проблеми со глутенот, но сепак го избегнувам. Дали е тешко? Не, ако знаете зошто го правите тоа и ако сте добро информирани. И да, тешко е да се најде вистинската храна, подготвена на здрав начин. Затоа организацијата и добрата информираност се клучни“, изјави Јелена во една прилика.
И потоа се поставува прашањето како се хранат нивните деца, Стефан и Тара?
Уште за време на карантинот во 2020 година, Јелена на Инстаграм објасни што јадат нивните деца.
„Стефан имаше нормална исхрана со месо и риба првите 1 и пол година, а потоа премина на растителна исхрана и многу е здрав. Тара од почетокот е на растителна исхрана и фала му на Бога никогаш не сме имале проблем со нејзиното здравје. Децата се целосно на растителна исхрана, јадат компири „како луди“ и сакаат краставици и моркови. Им давам и смути и зелен зеленчук. И не пржиме, туку вариме, јадат варени компири или пире“, објаснила сопругата на Новак.
Јелена во една прилика, додека Стефан сè уште бил мал, изјавила дека најмногу сака да му подготвува пире од банана и авокадо, а тогаш истакнала дека храната по потреба ја засладува со мед, јаворов сируп, рогач во прав или агаве сируп.