Деновиве хрватскиот медиум Слободна Далмација објави фискални сметки со високи цени на пијалоци и храна во хрватските туристички места, при што беше наведено дека за хрватските граѓани е скапо да одмораат во домашните летувалишта.
Слични ситуации имаше и претходните години кога медиуми и граѓани споделуваа информации колку чини кафе или ручек во познатите туристички центри. Ги прашавме хрватските туристички агенции, дали навистина Хрватска е скапа за одмор за самите Хрвати и каде одат на одмор. Од Континено, туристичка агенција од Истра објаснуваат дека Хрватска не е поскапа од Италија, Австрија, Шпанија и Германија.
„Сите тие дестинации се доста поскапи од Хрватска, но се создава пропаганда, за да им се помогне на Италија и Шпанија кои немаа туризам во времето на короната, а Хрватска имаше туристи и во времето на пандемијата. Освен што се прави медиумска хајка за цените, наеднаш им пречат и комарците во Славонија итн. Најголем проблем е што Хрватска долго време беше евтина и сега сите очекуваат дека таа треба да остане евтина. Со години имаше вложувања во инфраструктурата, хотелите, куќите за одмор, нормално дека цените нема да бидат како пред 10 години, затоа што сега и квалитетот е подобар. Скоро и да нема хотели со 3 ѕвезди, а апартманите се со 4 ѕвезди. Работната сила поскапе. Ако работен час на една чистачка е 20-30 евра, или на готовачот ако му плаќаат по 40-50 евра по час, тогаш нормално дека сместувањето ќе биде поскапо и сметките поскапеа, тоа се случува секаде во Европа. Сигурна сум дека и кај вас во Македонија сè е поскапено од пандемијата, затоа што ни праќаат нови ценовници, поскапо сместување, вечери, туристички услуги. Хрватска е скапа за нас граѓаните затоа што нашите примања не се во рангот на другите европски земји, но од она што гледам, луѓето попрво летуваат во Хрватска отколку во ЕУ. Непотребно се прави фама околу сезоната. Има инфлација, криза, Германија прогласи рецесија, се штеди“, велат од оваа агенција.
Граѓаните велат дека за некого е скапо, за некого не, но многу зависи и од тоа каде луѓето ќе бидат сместени, каков тип на аранжман бараат, кои угостителски објекти ќе ги посетуваат.
„За оние кои работат за минималец или за ниска плата, за жал одмор на Јадранот е недостижен сон. Но, оние кои имаат повисоки плати, одат на одмор во Шпанија, Португалија, Италија, Грција, а некои и во Дубаи. Имам неколку познаници кои на одмор одат надвор од Хрватска. Тоа си зависи од примањата. Некој може да си дозволи да оди на Хвар, некој во Египет, зависно од платите. Но, она што е сигурно е дека со минималец не може да си дозволи ништо. Зборувам од свое искуство, затоа што порано работев за минималец, и ми стигаше само за покривање на основните трошоци и сметките, друго ништо. Додека работев за минималец, имав пари само за автобуски превоз за да одам на плажа на Јадранот и бев пресреќна“, вели Хрватка која живее во Далмација.
Цените во угостителските објекти низ Далмација ги надминаа сите мерки за домашните гости, но и за странците, пишува Слободна Далмација. Читател им испратил сметка која покажува дека за две кафиња платил 14 евра. Медиумите претходно објавија дека сметката за два кроасани и чај изнесува 15,68 евра на Корчула. Топка сладолед во Сплит чини и до 3.5 евра, а се доплатува и за корнет.
Извор: faktor.mk