Во Македонија минатата година влегле странски инвестиции во вкупна вредност од 794 милиони долари, покажуваат податоците на Агенцијата на Обединетите нации за економска и трговска организација (УНЦТАД), а пренесува Инвестор.
Според извештајот, Србија е на врвот, а Босна и Херцеговина е на дното меѓу балканските земји по износот на странски инвестиции во изминатата година. Лани во Србија биле инвестирани околу 4,6 милијарди долари, а во Албанија со 1,4 милијарди долари и Црна Гора со 877 милиони долари. На крајот од листата е Босна и Херцеговина со 661 милиони долари. Косово не е вклучено во извештајот бидејќи не е земја членка на Организацијата на Обединетите нации.
Во пандемиската 2020-та година, Македонија имаше најголем пад на странски инвестиции во регионот. Податоците објавени од Конференцијата за трговија и развој на ОН тогаш покажаа дека странските инвестиции во регионот во 2020 година се намалиле за 14 отсто во однос на 2019 година, во Македонија падот е скоро три пати поголем. Најмногу инвестиции во 2020 влегле во Србија – 3,4 милијарди американски долари, што е намалување за една петтина во однос на 2019, па потоа следува Албанија со 1,1 милијарди долари што е намалување за 14 отсто во однос на годината претходно. Црна Гора имаше 529 милиони долари, што е 27 проценти повеќе во однос на 2019, падот во Босна и Херцеговина бил 7 проценти и 2020 ја завршувале со 371 милиони долари и Македонија имаше најмалку – 224 милиони долари странски инвестиции, што е за 38 проценти помалку во однос на годината претходно. Во 2021 година Македонија имаше нешто повеќе од 300 милиони долари странски инвестиции.
Извор: skopskoeho.mk