Правото на паричен надоместок во висина од 7.800 денари досега го оствариле 6.498 лица
На синоќешната собраниска седница започна расправата за Законот за материјално обезбедување на невработените лица поради приватизација на претпријатијата со доминантна сопственост на државата познат како Закон за стечајци, со кој се проширува опфатот на лицата кои што ќе можат да добијат надомест од речиси 7.800 денари.
Досегашната анализа за имплементацијата на Законот за стечајци покажала дека правото на паричен надоместок во висина од 7.800 денари го оствариле 6.498 лица.
Голем број на невработени лица ги исполнувале сите услови за стекнување на материјален надоместок по овој основ, освен условот – по остварување на правото на паричен надоместок да не биле вработени на неопределено време, односно работниот однос да не им престанал по нивна волја или вина, а исполнувањето на овој услов е многу тешко да се докаже и ги става стечајците во нерамноправна положба.
Според новите законски измени овој услов ќе биде остранет со што се создава можност, правото на материјално обезбедување да се оствари без разлика дали работниот однос склучен по користењето на паричниот надоместок бил на определено или на неопределено време, како и дали престанал по волја и вина на работникот.
На овој начин, се создаваат услови дополнителни 1.600 стечајни работници да бидат материјално обезбедени со надоместок.