За скоро 60 години, ако темпото се оддржи, еднаквоста меѓу родовите во Македонија ќе се изедначи.
Ова го покажува анализата на Државниот завод за статисика, во која се посочува дека имаме раст на индексот на родова еднаквост во 2022 година кога тој изнесувал 64,5 поени од максималните 100 и имал прогрес од 2,5 поени споредено со последното мерење во 2019 година.
- Доколку прогресот се одвива со ова темпо, 2,5 поени прогрес на четири години, на земјата ќе и` бидат потребни приближно 57 години за да постигне родова еднаквост во сите домени. За споредба, на ниво на просекот на ЕУ, темпото на досегашен прогрес е еден поен на две години и се смета за бавно и недоволно темпо на прогрес за постигнување родова еднаквост на ниво на ЕУ. Секако, општествените промени и развојот не се линеарни процеси и може да бидат забрзани со соодветни политики во поволен општествено-економски контекст на внатрешно и надворешно ниво, но може да бидат и забавени како резултат на регресивни политики во поглед на еднаквоста, но и неповолен контекст во земјата и на глобално ниво – пишува во анализата на ДЗС насловена „Индекс на родова еднаквост во Македонија во 2022 година“.
Аналитичарите од Заводот посочуваат дека континуитетот во мерењето на прогресот на Индексот и неговите составни домени е од исклучителна важност за да може да се следат промените, влијанието на политиките и детектирањето на областите каде што има потреба од унапредување на политиките и мерките за родова еднаквост и нивната имплементација во практиката.
- Доколку се следат резултатите од Индексите во секој од домените се забележува прогрес кај домените Работа, Пари, Знаење и Моќ. Застој има кај доменот Време (заради недостиг на нови податоци) и доменот Здравје каде што има незначителна промена (+ 0,1 поен). Споредено со последното мерење, земјата не бележи назадување во ниеден од домените што го сочинуваат Индексот – укажуваат аналитичарите.
Но, што покажуваат деталите од ова истражување?
Нашата земја се уште е зад просекот на земјите членки на ЕУ (ЕУ-27) за 3,5 поени. Факт е дека има намалување на разликата во споредба со претходните мерења кога сме заостанувале зад европскито просек 4,2 поена.
Земјата се движи со бавен прогрес, што укажува на потреба од значајно подобрување на политиките, практиката и посветеноста кон родовата еднаквост во земјата во периодот што претстои.
Ако се гледаат одделни сегмени кои го сочинуваат индексот, или како што ги нарекуваат аналитичарите, домени, нашата земја има најголем разлики со просекот во ЕУ во доменот Пари (18,1 поен) и Време (9,1 поен). Од друга страна најмали се разликите кај домените Знаење (0,3 поени), Здравје (0,6 поени) и Работа (0,9 поени). Како и на претходното мерење на Индексот од 2019 година, земјата има повисок резултат од просекот на ЕУ единствено кај доменот Моќ (+3,6 поени).
- Споредено со земјите членки на ЕУ, овој пат Северна Македонија се рангира на четиринаесеттата позиција, помеѓу Италија која е на 15 позиција и Малта која е на 13 место и има напредок од една позиција повисоко во рангирањето споредено со 2019 година кога беше рангирана на петнаесеттата позиција. Земјата заостанува за 3,5 поени зад просекот на ЕУ и за 19,4 поени зад најдобро рангираната земја во ЕУ – Шведска. Споредено со последните мерење на земјите од регионот на Западен Балкан што го публикуваат Индексот, земјата има повисок резултат од сите три земји – Албанија, Србија и Црна Гора – се појаснува во анализата.