Women in manufacturing – Mikrosam Macedonia
Да се биде светски признат лидер во производство на роботски и ЦНЦ машини за композитни производи за авионска, вселенска, автомобилска, одбранбена и други индустрии и да се работи за клиенти од целиот свет е вистински предизвик и успех. Погодувате, зборуваме за Микросам – македонска компанија која успешно оперира веќе 33 години, а во овие години постоење има инсталирано над 300 производни линии во повеќе од 45 земји во светот, како Германија, САД, Русија, Јапонија, Кина, Индија, Израел и Кореа.
Успехот на Микросам не е случаен. Се должи на јасната визија, силното лидерство и тим од професионалци.
Иако, на прв поглед, во индустријата во која делува Микросам „владеат мажи“, дел од нивниот тим се и многу прекрасни дами кои работат на најразлични позиции.
Ќе ви ги претставиме Стефани, Тамара, Ана, Ивана и Бисера, секоја професионалец во својата област, кои со своите успешни приказни се вистински поттик за младите девојки да истраат и да не се откажуваат од своите соништа, без оглед кон која професија и да се насочат.
Интервју со Стефани (маркетинг и односи со јавност), Тамара (електроинженер), Ана (машински инженер), Ивана (софтвер инженер), Бисера (инженер - технолог)
- Кои се Стефани, Тамара, Ана, Ивана и Бисера – На која работна позиција сте и со што точно работите?
Стефани: Јас сум Стефани, одговорна за маркетинг и односи со јавност во Микросам. Во маркетинг сум веќе скоро 8 години и овдешното искуство е сосема различно од претходното. Мојот ангажман се фокусира на организација и учество на најпознатите странски саеми за композити во Франција, САД, Германија, Кина, Обединето Кралство, и др; креирање на содржина за вебсајт, социјални мрежи, ПР текстови за странски и домашни медиуми; дизајн на реклами, постери, маркетинг снимања на нашите машини и сл.
Тамара: Моето име е Тамара, работам во Микросам како електроинженер. Моите обврски се дизајн на системите за управување, дизајн на HMI (human – machine interface), програмирање и пуштање во работа на машините, како и менторство на нови вработени и практиканти.
Ивана: Јас сум софтвер продукт инжeнер и повеќе од 10 години работам на развивање на софтвер за управување и контрола на машини и роботи кои ги произведува Микросам. Дел сум од тимот кој го развива софтверот MikroPlace, како специјално дизајниран софтвер за нашите машини. Воедно, во мојата работа сум вклучена и во инсталирање на машините кај купувачите и нивна обука при работа со нашиот софтвер.
Ана: Јас сум Ана и работам како машински инженер – конструктор. Работата вклучува дизајн и избор на машински елементи, пресметки, подготовка на техничка документација и следење на монтажа и инсталација на машини.
Бисера: Јас сум Бисера, дел од тимот на технолози-хемичари. Мојата работа се состои од секојдневна комуникација со другите секторите, обезбедување на материјали за тестирање на машини, нивна набавка и анализа според светски стандарди, изготвување на пресметки и извештаи за завршените проекти, работа со лабораториска опрема, активно учество на состаноци и сл.
Бисера (инженер - технолог)
- Микросам е глобален лидер за производство на роботски и ЦНЦ машини во светот. Што значи да се биде дел од ваква компанија? Зошто баш се решивте вашата кариера да биде токму во фабрика?
Стефани: Микросам е многу повеќе од тоа кога ќе прочитате глобален лидер за роботски машини. Микросам е опкружување кои зрачи со бура на идеи, споделување на знаење, мислење, професионалност, остроумност и дружење. Во компанијата природно се чувствува онаа неисфорсирана, динамична работна атмосфера со цел купувачите да го добијат најдоброто. Купувачите ни се од цел свет, од Кина, Јапонија, Кореа, САД, Германија, Индија, Холандија, Турција и многу други. Самите тие ни пристапуваат, затоа што знаат дека сме први во неколку технологии кои го опфаќаат производство на современи материјали за авионска, вселенска, автомобилска, транспортна и др. индустрии. Сѐ ова наведено се причините поради кои јас ја започнав кариерата тука. Избрав компанија која знае да препознае квалитетен кадар и да ја поттикне мојата креативност.
Тамара: Да се биде дел од ваква компанија значи да се биде дел од успешен тим чија што напорна работа и иновативност создава уникатни, state-of-the-art машини и производни линии кои ја буткаат вселенската, авионската, и автомобилската индустрија се понапред. Откако се запознав со тимот и работните задачи, немав воопшто двоумење дека тука е местото каде што треба да бидам. Работата, иако на момент изгледа тешка и комплицирана, со помош да прекраснот тим се завршува со леснотија и одлична соработка. И за оние кои сакаат да патуваат, е одлична прилика да се види светот и да се запознаат различни култури.
Стефани (маркетинг и односи со јавност)
Ивана: Од секогаш ме привлекувале специфични и уникатни компании, каде што иновативноста е високо изразена бидејќи по природа сум личност која носи со себе голема страст кон иновации. Всушност тоа е и мотото на Микросам - зависници од иновации каде што и се пронајдов. Да се биде дел од Микросам е голем предизвик бидејќи на тој начин си рамо до рамо со светската конкуренција во ваква специфична технологија, а за да бидеш успешен мораш постојано да си во тек со брзиот раст и прогрес на технологиите. Тука навистина има огромни можности за учење на нови технологии и напредок со роботика.
Ана: Да се биде дел од оваа компанија значи постојано напредување и надоградување на преходно стекнатото знаење од струката. Избор за кариера во оваа компанија беше едноставен бидејќи компанијата нуди работа на конкретни проекти во кои се опфатени скоро сите гранки на машинството.
Бисера: Да се биде дел од Микросам како светска компанија значи да се биде дел од тим кој го прифаќа секој предизвик, тим кој секогаш наоѓа решение за секој проблем иако понекогаш тоа изгледа невозможно. Се решив мојата кариера да биде токму тука затоа што сметам дека можам многу да научам од сите вработени и да се надоградувам себеси како на професионално, така и на лично ниво.
Ивана (софтвер инженер)
- Како реагираат луѓето кога ќе им кажете што работите?
Стефани: Искрено повеќето не знаат со што всушност Микросам работи, освен тоа дека работиме со роботи. Меѓутоа, полека гледам дека почнува пошироката јавност да се разбира и да го сфаќа значењето на композитната индустрија. Постоиме веќе 33 години и нашето работење е насочено само со производство и извоз на машини надвор од Македонија. Логички е целиот сектор маркетинг и продажба да е насочен спрема странските компании. Кога ќе ме прашаат какви се тие машини, наједноставно им одговарам за производство на делови за авиони, вселенски летала, резервоари за гас и други садови под притисок, цевки и сл. од современи материјали.
Тамара: Првично се збунети бидејќи буквално станува збор за rocket-science. Но, генерално луѓето се воодушевени и љубопитни.
Ивана: Морам да признаам дека кога на луѓето накратко кога ќе им објасниш каде работиш и кои се дел од твоите задачи, прво се малку збунети зошто не очекуваат такви работни задачи. Но, потоа веќе те гледаат со поголема почит бидејќи за да ја работиш оваа работа пред сѐ треба да имаш огромна пасија кон ваквата технологија, а пред сѐ и огромно знаење и постојана надоградба за да се носиш со сите предизвици кои се појавуваат со секои клиенти бидејќи нивните барања се различни.
Ана: Повеќето од моето опкружување знаат за Микросам и се запознаени со работата до некаде.
Бисера: Скоро и да нема човек кој во моето опкружување не слушнал за Микросам, па реакциите на луѓето се секогаш позитивни и секогаш имаат да кажат едно големо „браво“ за тоа каде и што работам, а за тие што ги запознавам се фасцинирани од фактот дека постои баш ваква светски препознаена фабрика во Македонија.
Ана (машински инженер)
- Какво е вашето секојдневно работно искуство во Микросам?
Стефани: Наједноставно – никогаш досадно. Еден ден треба ПР текст да напишам, друг да дизајнирам реклама за странско списание, постери за на саем, објави за социјални медиуми. Кога имаме маркетинг снимање на некоја машина, цел ден сум во хала со инженерите и црпам постојано нови технолошки информации. Патуваме со тимот за продажба на саеми најмалку 5-6 пати во годината. Мојата работа ја изразува мојата креативност и ме прави среќна. Можам да кажам дека секој ден се учи нешто револуционерно.
Тамара: Утрото мора да започне со кафе и утрински муабет со колегите. Во зависност од фазата на проектот - или се преминува пред работното биро или во некоја од халите на Микросам каде се пуштаат машините во работа. Состаноците се исто така честа појава каде различни тимови соработуваат за заеднички успех на секој проект. И секако, после напорниот ден, колегијано се дружиме на after work на вечера, играње одбојка, планинарење, возење точаци и многу други активности.
Ивана: Висок професионализам, исполнување на зададените задачи, дискутирање на проблемите со колегите од останатите тимови, и учење на нови процеси и технологии - тоа е непроценливо искуство кое што јас го стекнав во Микросам. Она што го научив и кое навистина ми помогна да станам уште повеќе професионална е соработката со колегите од останатите тимови, бидејќи сме компанија која што еден процес на изработка на машина од почеток до крај поминува низ неколку фази на развој и низ повеќе сектори и инженерски тимови, па потребно е да се има трпение, соработка и професионализам за успешно да се заврши еден проект. Еден проект е успешен ако сите тимови функционираат и работат заедно со една единствена цел.
Ана: Сите осум часа од мојот работен ден се исполнети со активности. Во зависност од фазата на проектот такви се и моите обврски. Затоа никогаш не е досадно.
Бисера: Мојата секојдневна работа никогаш не е иста, па така и не е монотона. Обврските се менуваат од ден за ден во зависност од тоа дали имаме тестирање на машини низ халите, целодневни состаноци или работа во нашата лабораторија за истражување и развој.
Стефани (маркетинг и односи со јавност)
- Опишете ни некое најдраго искуство/патување со кое сте се соочиле во работата.
Стефани: Прв пат кога отидов на најголемиот светски саем за композити во Париз, Франција – JEC World. Дотогаш немав видено таков огромен саем со најсовремени летала, возила, композитни делови, материјали и сл. Буквално сите гиганти беа на едно место, како GKN Fokker, NIAR, Airbus, NASA, Magna, итн. Најубавото чувство беше кога сите тие посебно доаѓаа на нашиот штанд и нѐ бараа за состаноци. Верувајте, цел свет го познава квалитетното работење на македонските инженери. Се почувствував најгорда што сум дел токму од Микросам.
Тамара: Иницијално би рекла дека сите патувања и искуства ми се драги, секое на свој начин. Сум запознала прекрасни луѓе, сум прошетала на нови и необични места и ги имам проширено своите хоризонти запознавајќи поинакви култури јазици и земји. Но, ако морам да издвојам – би го напоменала искуството во Кина. Најмногу поради тоа што нивната култура ни е најдалечна, и е стварно прекрасна шанса да се посети таа земја.
Тамара (електроинженер)
Ивана: Јас сум личност која многу сака да патува така да секое патување ми е интересно и секое си носи различно искуство. Пример, Индија ми е доста интересна земја, народот, кулурата, храната пребогата со зачини, начинот на тоа како тие луѓе живеат и се хранат. Во Индија, на пример за прв пат пробав природен сок од кокос (кокосова вода), каде што населението на улица пред тебе го сече кокосот, ја пиеш водата, а потоа го преполовуваат овошјето за да можеш да го изедеш кокосот внатре. Доста специфичен вкус на кокос на кој ние не сме навикнати. Јадат доста лута и зачинета храна, имаат многу овошје, а исто така и животни како крави (која им е свето животно) и мајмуни можеш да ги сретнеш на улица, луѓето јадат со раце и тешко можеш да најдеш прибор за јадење ако сакаш на пробаш некоја нивна храна. Во храмовите мораш да влезеш бос со соодветна облека и не смееш внатре ништо да сликаш или да допираш.
Ана: Првото службено патување кое беше во Америка е и моето најдраго патување – запознавање со нови луѓе, дружба со колеги и секако напредок во кариерата.
Бисера: Како најдраго искуство би го издвоила самостојното работење на проект кој бараше целосна посветеност и голема координација од моја страна, кој за овие неколку месеци од мојата работа тука успеав успешно да го совладам.
Ивана (софтвер инженер)
- Што значи да се биде жена во „машка индустрија“ или жена која работи „машка професија“?
Стефани: И покрај тоа што жени сме малку, меѓутоа во никој случај јас не се почувствував дека сум нешто помалку од сите. Драго ми е што се ценат моите мислења, предлози и ставови, особено од менаџмент тимот. Сите работиме како еден тим. Ова допридонесува јас уште повеќе да се борам, учам и напредувам.
Тамара: Како жена во машка индустрија – дефинитивно беше предизвик да се прилагодам во доминантно машка средина. Но, сметам дека разликите се она што не’ прави супер тим: интуитивно си ги надополниуваме недостатоците и ги потткинуваме доблестите. И Микросам е компанија што секогаш првенствено и единствено го гледала интелектот, амбициозноста, и трудот на вработените. Тоа што се повеќе жени се осмелуваат да работат во ‘машка’ индустрија е нешто што отсекогаш го славела и се гордеела со тоа, нешто што било позитивен side-effect на нивните практики.
Ивана: Да се биде жена во ваква индустрија, еве се карактеризира како “машка”, што јас не би рекла и немам такви предрасуди е огромна чест и огромна гордост. Пред сѐ ние жените сме доста повнимателни, принципиелни и педантни, внимаваме на сите можни детали при комплетирање на задачите, сакаме истите да бидат максимално исполнети и да имаме задоволни клиенти. Со предизвиците и проблемите се носиме рамо до рамо со нашите колеги и работиме еднакво, односно никогаш не делиме задачи на машки и женски, задачата мора да се комплетира професионално и тоа е она кон што цели нашиот тим крајно.
Ана: Со мојот одговор сакам и да ги поздравам сите колеги мажи кои ме прифати ја без никакви предрасуди и нашата е соработка е иста како онаа што ја имаат кон другите колеги мажи. Оваа индустрија не е машка, таа е индустрија на знаење и способност.
Бисера: Според мене тоа е уште еден предизвик кој успешно го совладувам. Иако мажите доминираат во компанијата, сепак моите идеи, коментари и предлози како жена се секогаш добредојдени, разгледани и прифатени. Се одлучив за работа во Микросам бидејќи тука иновативноста е на прво место, а за да се постигне тоа потребно е што повеќе жени да го даваат својот придонес од своја перспектива.
- Што би им препорачале на идните кандидатки кои сакаат да станат дел од тимот?
Стефани: Да не се мислат воопшто! Мојата единствена порака до идните колеги е да дојдат со отворен ум, срце, засукани ракави и подготвени за возбудливо, динамично и незаборавно искуство.
Тамара: Би им препорачала да бидат смели, самоуверени и сигурни во својот капацитет за постојано учење и зголемување на своето знаење од експерти во областа. Да излезат од комфорт зоната и да се втурнат во непознатото.
Ивана: Амбициозност и отворен ум кон нови нешта е основен двигател за ова дигитално општество. Сите што имаат огромна пасија кон технологиите потребно е да вложуваат во себеси, да си дадат шанса да научат нешто повеќе за тоа што сакаат да го работат, да патуваат и да видат нови места, да запознаат различни култури, сето тоа може да го имаат со Микросам, бидејќи оваа компанија е единствена која што нештото што го учиш го применуваш со патување. Двојна добивка во секој случај.
Ана: Да не се двоумат да ни се придружат доколку сакаат брзо да се стекнат со искуство и знаење.
Бисера: На идните кандидатки би им препорачала никогаш да не се обесхрабруваат заради работењето во „машка индустрија“, секогаш да го кажуваат својот став и да бидат отворени за пофалби и критики, бидејќи само така можат да се изградат во одлични инженери.
Тамара (електроинженер)
- Што значи да работиш надвор од родниот град? Дали тоа ти претставува проблем?
Стефани: Искрено, на почетокот беше предизвикувачко, особено заради фактот што од Скопје требаше да дојдам во Прилеп. Голем дел од тимот сме од други градови, и тоа што работиме во ваква компанија ни е поголем мотив. Микросам го има тоа во предвид и ни ги надоместува трошоците за сместување и превоз. Додека, колегите и околината во која работам се кул, млади и брзо се вклопив. Воено, имаме канцеларија во Скопје или може да работиме од дома, што го олеснува тој момент на патување.
Тамара: Сметам дека ако нешто сакаш и имаш мотивација да го правиш, ништо не претставува проблем. Живеењето во друг град во Македонија беше исто толку значајно и интересно како живеењето на другиот крај на светот.
Ивана: Лично мене ми е доста интересно да работам надвор од родниот град, бидејќи така запознавам нови луѓе, нова култура и традиција на градот, како и самата нова локација предизвикува огромна промена.