Една од 10 личности на светот е левучар. Можеби се прашувате што точно предизвикува некоја личност да биде левучар, но според „IFLScience“, претходните претпоставки дека леворакоста е последица на генетика се веројатно погрешни.
Студиите откриле дека нашата доминантна рака веројатно е одредена пред воопшто да се родиме бидејќи веќе од 13-та недела, бебето во утробата покажува склоност кон цицање на еден палец наместо на друг.
Научниците од Германија, Холандија и Јужноафриканската Република откриле дека генетската активност во 'рбетниот мозок на бебето е асиметрична додека е во утробата што потенцијално значи дека нероденото дете веќе избира доминантна рака. Интересно е што ова се случува пред делот од мозокот кој ги контролира движењата на рацете, моторниот кортекс, да се поврзе со 'рбетниот мозок додека се развива фетусот. Тоа значи дека мозокот веројатно не ја одредува леворакоста.
Но, тоа сè уште не нѝ кажува зошто левучарите се толку ретки во светот. Научниците долго време се борат со ова прашање. Некои теории сметаат дека сме еволуирале така што имаме повеќе деснаци бидејќи тоа нѝ помага подобро да соработуваме со другите луѓе.
Други проучувале други видови кај кои едната страна е доминантна над другата, како што се птиците кои претпочитаат одредена страна во зависност од тоа како одмарале во нивните јајца. Сепак, темата останува нејасна што се однесува до науката, делумно поради тоа што нема толку многу левучари кои би можеле да бидат дел од една голема научна студија.