Лут келнер прогонувал еден „многу богат Италијанец“ на улиците на Сен Тропе бидејќи му оставил „само“ 500 евра бакшиш, пишува „Daily Mail“.
Инцидентот се случил во ресторан чие име не е откриено, а келнерот наводно го следел Италијанецот сè до паркингот и му приговарал дека „тоа не е доволно“.
Меѓутоа, не останал само на тоа - му рекол да се врати внатре и да плати дополнителни 500 евра за да го исполни „минималниот износ“ на бакшиш од 1000 евра, што го разбеснило Италијанецот.
„Мислеше дека испаднал великодушен бидејќи оставил 500 евра бакшиш, а наместо тоа беше укорен. Келнерот му рече дека тоа не е доволно и дека сепак би можел малку да се потруди и да дојде до 1000 евра бидејќи тоа би било приближно до 20 отсто од вкупниот износ на неговата сметка“, изјавил неговиот пријател.
Италијанецот наводно бил толку навреден поради инцидентот што му кажал на својот пријател дека никогаш повеќе нема да стапне во Сен Тропе.
Црна листа на гости
За потсетување, ова не е првпат да се појави проблем во некое луксузно одморалиште поради бакшиш. Незадоволството на туристите расте сè повеќе, а некои тврдат дека рестораните на француската ривиера имаат црна листа на гости, која ја составуваат според количината на бакшиш што ја оставаат.
Гостите се обидуваат да остават бакшиш во „американски стил“ иако рестораните веќе имаат вклучено во сметката надомест за услугата од 15 отсто. Доколку бројките не се сметаат за доволно високи, туристите нема да можат да резервираат маса следниот пат.
Освен тоа, локалните медиуми известуваат дека рестораните ги лажат „помалите“ гости кога прават телефонски резервации дека сè е пополнето, а градоначалничката на Сен Тропе, Силви Сири, ги опиша ваквите потези како „изнуда и рекетирање“.