Брзиот начин на живот, зафатениот распоред и недоволниот одмор во даден момент прават заморот да ни стане константна и единствена состојба. Истражувањата покажуваат дека околу една третина од здравите тинејџери, возрасни и постари лица се изјасниле дека чувствуваат постојан замор и поспаност. Во најголем дел од случаите оваа појава е предизвикана од надворешни фактори и одреден начин на живот.
Откако ќе ги исфрлите здравствените проблеми како опција, ова се неколкуте потенцијални причини кои прават да се чувствувате постојано уморно.
Не спиете доволно
Сосема логично е листата да започне со немањето доволно квалитетен сон. Вашето тело прави многу работи додека спиете, како што е ослободувањето хормони кои го регулираат вашиот метаболизам и нивото на енергија. Според истражувањата, на возрасните во просек им е потребно 7 часа непрекинато спиење за одржување на оптималното здравје. Од голема важност е спиењето да биде мирно како нашиот мозок би можел да помине низ петте фази на спиење. За да го подобрите квалитетот на спиењето, најдобро ќе биде секоја вечер да легнувате во приближно исто време.
Меѓутоа, доколку ви е тешко да заспиете и се сомневате дека имате нарушено спиење, се препорачува да разговарате со лекар и да ги исклучите сите опции поврзани со проблеми со здравјето.
Спиете во погрешно време
Ова е чест проблем кај оние луѓе кои работат ноќни смени. Спиењето во текот на денот го нарушува циркуталниот ритам на телото. Истражувањата покажуваат дека може да дојде до развој на хроничен замор кога спиењето не е синхронизирано со овој ритам. Па така, доколку останете будни во текот на ноќта во период од ден или два, вие ќе почувствувате замор. Поради тоа, најдобро е да спиете навечер и да си ја добиете енергијата потребна за наредниот ден.
Не внесувате доволно калории
Недоволното внесување на калории може да предизвика чувство на исцрпеност. Калориите ни се потребни бидејќи истите се извор на енергија. Телото ги користи калориите за движење и за други процеси, како дишење и одржување на постојана телесна температура. Кога јадете премалку калории, метаболизмот забавува со цел да се зачува енергијата, а тоа предизвикува замор. Во однос на калориите, телото може да функционира со различно ниво во зависност од тежината, висината и возраста на индивидуата. Сепак, повеќето луѓе дневно треба да внесуваат минимум 1200 калории за да го спречат забавувањето на метаболизмот.
Не пиете доволно вода
Хидратацијата е важна за одржувањето на вашата енергија. Многу биохемиски реакции кои се случуваат секој ден резултираат со губење вода која треба да се замени. Дехидрацијата се јавува кога не пиете доволно течности за да ја надокнадите изгубенета вода. Неколку студии покажаа дека дури и благата дехидрација може да доведе до пониски нивоа на енергија и намалена концентрација. Иако се препорачува секојдневно конзумирање на 8 чаши вода, сепак количината зависи од тежината, возраста, полот и нивото на активност.
Изложени сте на високо ниво на стрес
Хроничниот стрес може да има големо влијание врз целокупниот квалитет на вашиот живот. Одредени количини на стрес се сосема нормална појава, но прекумерниот стрес е тесно поврзан со хроничниот замор. Иако не е возможно целосно да го избегнете, одредени стратегии ќе ви помогнат да прекинете да се чувствувате исцрпени. На пример, се препорачува практикување на јога и медитација, како и релаксирање со добра книга, музика или топла бања пред спиење. Сите овие активности се добар начин за намалување на стресот.
Во одредени ситуации, заморот знае да биде показател за сериозни болести. Константниот замор може да биде индикација за: анемија, дијабетес, анксиозност, депресија, инфекција на уринарниот тракт, срцеви проблеми, бременост, како и проблеми поврзани со недостаток на витамини и минерали. Доколку сте загрижени дека имате здравствена состојба која предизвикува да се чувствувате уморно, веднаш консултирајте се со лекар.