Комерцијалистите во минатото се препознаваа по тоа што беа „врзани“ за канцеларијата и беа опкружени со купови хартија, но во последните неколку години работите драстично се променија кога се појави потребата за теренско работење.
Во зависност од начинот на работа, комерцијалистите во земјава и во регионот обично заработуваат и до 3.000 евра, а просечната плата им е околу 50.000 денари, што е далеку над македонскиот просек.
Комерцијалистите во моментов се едни од најбараните во Македонија, а судејќи според агенцијата и според веб-сајтовите за вработување, неопходни се комерцијалисти скоро во секоја компанија.
Платите во Македонија за оваа позиција зависат од искуството и работниот стаж на комерцијалистот, а почетниците-комерцијалисти заработуваат помеѓу 30.000 и 40.000 денари.
Како што човекот ги развива своите вештини, така расте и неговата плата, а секако, тоа многу зависи и од самиот сектор во кој се наоѓа компанијата.
Инаку, според експертите, постојат две категории на комерцијалисти:
Комерцијалисти во местото на живеење (фиксна работа)
Комерцијалисти на терен
Оваа втората категорија е најпопуларна и подразбира поседување возачка дозвола за Б категорија, но и други категории доколку работата тоа го бара од вас.
На пример, една гостиварска компанија неодамна бараше комерцијалист и нудеше договор за работа со плата од 42.000 до 55.000 денари, зависно од искуството.
Преку друг сличен таков оглас се бара возач-комерцијалист кој би добивал плата од 45.000 денари, плус бонуси и можност за напредок.
Интересно е тоа што многу работодавачи за комерцијалисти нудат голем број бонуси, награди, напредување низ едукација, како и бројни патувања низ земјата и странство.
А што се однесува до искуството, комерцијалистот освен што треба да поседува возачка дозвола од Б категорија, неопходно е да има познавање од компјутери поради документацијата која мора да се води во дигитален формат.
Исто така, комерцијалистот треба да поседува харизма за да би можел да нуди и да продава услуги и производи од компанијата за којашто работи. Пожелно е да има основно познавање на англиски јазик, а може да се вработи и само со завршено четиригодишно средно образование.
Извор: denar.mk