Дали штедите пари за вашето дете? Дали имате отворено штедна книшка во банка или си штедите дома во касичка? Колку сте запознаени со условите што ги нудат банките за отворање детска штедна книшка? Дали сметате дека детското штедење е добра инвестиција на долг рок?
Овие прашања си ги поставуваат сите тазе родители кои сакаат да се потрудат во целата оваа скапотија да ги зачуваат паричките што ги добило нивното бебе од најблиските, од пријателите, од роднините…
И додека некои одлучуваат паричка по паричка да тргаат на страна, некои решаваат да отворат штедна книшка за нивното дете и да ги орочат парите на повеќе години.
– Нашето дете наполни една година и ние веднаш му отворивме штедна книшка во банка на која му ги ставивме сите пари што ги доби од повојница, од крштевката и од роденденот. Можам да кажам дека се собра прилично добра сума. Потоа, во текот на годината, секогаш кога бевме во можност му стававме и ние, па таа сума само се зголемуваше. Сметам дека детското штедење е многу добра инвестиција, бидејќи на тој начин парите се таложат и еден ден ќе можат да се искористат за нешто големо и вредно. Доколку не го правиме тоа, тогаш сигурно ќе ги потрошиме парите на некои работи кои баш и не му се потребни. Во последните месеци фативме ред со сопругата и се договоривме секој месец да „жртвуваме“ по 1.000 денари од платите и да ги ставаме на штедната книшка. Според пресметката, кога нашето дете ќе наполни 20 години, сигурно ќе има над 15.000 евра на сметка – раскажува Бојан Крстевски од Автокоманда.
Има и такви кои веќе ги берат плодовите од детското штедење.
– Моите родители ми отвориле детска штедна книшка уште пред 28 години и постојано ми ставале пари на таа сметка. Замислете, тоа го криеле од мене скоро три децении, оти, како што ми велат, не сакале да ми создадат чувство на опуштеност дека иднината ми е обезбедена. Сите пари од родендени, крштевки и празници ми ги префрлале на штедна книшка, а дополнително одвојувале и од месечните плати. По смртта на мајка ми, татко ми си продолжил со навиката и секој месец ставал по некоја паричка на мојата сметка. Кога се вработив и кога изразив желба да си купам стан, татко ми конечно ми ја даде книшката на којашто веќе имаше повеќе од депозитот што ми беше потребен за да добијам поволен кредит. Јас сум им крајно благодарна на моите родители за оваа одлука. И јас кога ќе имам свое дете, отворањето штедна книшка ќе биде првата работа што ќе ја сторам, оти и самата се уверив дека со текот на годините може да се собере солидна сума – раскажува Моника Илиева од Аеродром.
Денар направи истражување кај дел од банките, па каматната стапка за орочување на парите на 25 месеци изнесува 2 проценти од вложената сума.
Па така, доколку на штедната книшка уплатите 60.000 денари, по само две години ќе добиете камата од 2.500 денари.
Секако, најисплатливо е орочувањето на 60 месеци, бидејќи каматата изнесува дури 3.5 проценти.
Ако уплатите 60.000 денари и ги орочите на 60 месеци, односно на 5 години, на крајот ќе добиете камата од 10.500 денари.
Извор: denar.mk