Од 5.000 до 9.000 денари ќе добие секој вработен кој ќе повика и ќе убеди свој пријател да се вработи во фирмата, а парите ќе му легнат на сметка откако нововработениот ќе помине најмалку 6 месеци на своето ново работно место.
Во недостиг на работна сила, ваква финта за привлекување работници почнаа да користат сè повеќе работодавачи, надевајќи се дека на овој начин ќе пронајдат замена за младите кои сè почесто ја напуштаат својата работа и среќата си ја бараат во странство.
-На сите начини се обидуваме да изнајдеме работници, затоа што младите постојано напуштаат и бегаат во странство. Нудиме добри услови за работа, платен превоз и хранарина, бонуси, тринаесетта плата, К-15, но тешко ни оди. Веќе некое време им нудиме и бонуси од 5.000 до 9.000 денари на нашите работници ако донесат друг работник. Но, мора да признаам дека ефектот не беше преголем – изјави сопственик на кумановска компанија за текстил.
Според економските експерти, недостигот на квалификуван кадар претставува голем проблем дури и за големите фабрики во индустриските зони кои најголем дел се странски инвестиции.
-Немојте да мислите дека проблемот со работници постои само во текстилниот сектори и во фабриките во источниот дел од земјава. Проблемот е присутен на секое ниво, дури и во големите фабрики во близина на главниот град, а кои немаат никаква поврзаност со текстил. И во Бунарџик се нудат 9.000 денари на вработени кои ќе донесат други вработени. Условот е нововработениот да остане најмалку половина година во фирмата. Лоша е состојбата со работна сила во земјава, а ќе биде уште полоша. Работодавачите се надеваат дека работите ќе се подобрат во септември кога сезонските работници ќе се вратат во татковината, ама се лажат. Сезонските работници коишто работат цело лето во Хрватска или на Малта се главно угостители, па тешко дека некој од нив ќе го убедите да работи во фабрика – објаснуваат економистите.
Но, ако е за утеха, со ваквиот проблем не се соочуваме само ние во Македонија, туку целиот свет.
Имено, две третини од компаниите ширум светот пријавуваат дека имаат тешкотии да најдат талентирани работници, покажа Извештајот за светските трендови за вработување за 2023 година на Менпауер-груп, објави грчки Катимерини.