Мултимилијардерот Бил Гејтс во поткастот „Unconfuse me“ повторно зборувал за тоа што го нарекол скриено влијание на месото врз околината, а во таа прилика изјавил дека верува дека иднината е во синтетичкото месо.
Гејтс смета дека повеќето луѓе не знаат дека со земјоделството се придонесува за климатските промени, особено кога станува збор за емисиите на метан од добитокот и ѓубривото.
За влијанието на земјоделството врз животната средина, тој разговарал со музичарот и режисер Квестлав (Questlove), кој исто така инвестирал во неколку старт-ап компании за производство на храна базирана на билки.
Музичарот му кажал на Гејтс дека компанијата „Impossible“ произведува растителен бифтек со сирење кој му е омилен и на поранешниот американски претседател Барак Обама. Тој истакнал дека го освоило тоа што растителната храна има вкус на вистинско месо.
Земјоделството создава 24 отсто од вкупните глобални емисии на стакленички гасови. Според податоците на Агенцијата за заштита на животната средина на Соединетите Американски Држави, главно се работи за емисии на метан од добиток и ѓубрива. Повеќето гасови, вклучително и метанот, се произведуваат за време на производството на говедско месо. На глобално ниво од 99 грама говедско месо се ослободуваат 50 килограми штетни гасови.
Во 2018 година, Гејтс напиша: „Ако добитокот беше земја, ќе беше третиот најголем испуштач на стакленички гасови“. Во книгата „Како да се избегне климатска катастрофа“ од 2021 година, тој напиша дека ефикасната борба против климатските промени подразбира подготвеност да се посветиме на нови работи, како што се електричните возила и синтетичкото месо. Тогаш тврдеше дека богатите земји имаат ресурси потребни за преминување на 100 проценти синтетичко говедско месо, а мислењата се дека вкусот на ова месо со текот на времето ќе станува сè подобар.
Месото од растително потекло сочинува мал дел од вкупниот пазар на месо. Милијардерот е свесен дека ќе биде тешко луѓето да се убедат да престанат да јадат вистинско месо. Една од причините зошто е тоа така е што растителното месо е поскапо.
Затоа преку својата фондација Бил Гејтс поддржува старт-ап компании за одгледување на растително и лабораториско месо.