На „Штипската пастрмалијада” која годинава ќе се одржи на 22. и 23 септември, цената на популарните пастрмајлии ќе биде по 200 денари. Угостителите и организацискиот тим од Општина Штип денеска одржаа координативен состанок, на кој беше потврдено дека подготовката ќе биде по универзалниот стандард односно 250 грама тесто и 150 грама месо.
-Одржавме информативен состанок со угостителите коишто пројавија желба и интерес да учествуваат на овогодинешната „Пастрмалијада“ во Штип. Задоволни сме од интересот. На овој состанок беа утврдени неколку технички и организациони работи коишто ни претстојат да ги сработиме пред почетокот на манифестацијата. Утврдена е цена на пастрмалиите од 200 денари, изјави Александар Арсовски, член на организацискиот тим на Општина Штип.