Се обидуваат да ’протнат‘ потежок багаж од дозволеното, па доплаќаат на самото место поскапо, не внимаваат на големината на шишињата со течности што ги носат во рачниот багаж и доаѓаат со голем број аксесоари, па создаваат метеж … Кои други почетнички грешки најчесто патниците ги прават на аеродромите?
Мариел Делакоста е патувачки репортер од Сингапур, која вели дека само во последната година патувала над 24 пати во 9 различни земји, меѓу кои Тајван, Тајланд и Филипините.
Таа најчесто патува со нискобуџетни компании, а во статија за Insider ги издвојува 5-те „почетнички“ грешки што некои луѓе често ги прават, па летањето може да се претвори во мошне лошо искуство.
Кои се тие?
Се обидуваат да пренесат багаж што е потежок од дозволеното, па се принудени да доплаќаат на аеродром поскапо
Голем број нискобуџетни авиокомпании имаат ригорозни политики кога станува збор за тежината на багажот. Така Мариел вели дека кога патувала со компанијата VietJet Air од Тајван до Виетнам морала да плати околу 100 долари за багаж со прекумерна тежина, а да закупела поголем простор за багаж однапред тоа ќе ја чинело околу 50 долари.
Затоа таа советува задолжително пред да тргнете на пат да проверите колкава е тежината на багажот и да се информирате за политиката за багаж на компанијата со којашто патувате.
Исто така, внимавајте и на големината на рачниот багаж и држете се до строго утврдената големина, пропишана од авиокомпаниите, за да не се соочите со тоа да мора да го чекирате, иако не е претежок.
Носење неудобни чевли што го прави чекањето и одењето по скалите на аеродромот отежнато
Високите потпетици и сандали воопшто не се паметен избор кога одите на патување, особено ако патувате со нискобуџетни компании.
Имајте предвид дека ќе има моменти кога ќе треба да пешачите со багажот во раце, а најголемиот товар паѓа врз нозете, па затоа направете правилен избор во поглед на чевлите.
Носење премногу аксесоари, заради што го задржувате безбедносниот преглед
Поминувањето низ безбедносните прегледи е еден од најстресните делови од патувањето со авион.
Накитот од бижутерија и аксесоарите како ремени често се направени со метали што мора да ги тргнете секојпат кога поминувате низ детектор за метал.
За да не го задржувате редот и да не создавате метеж најдобро е сите модни додатоци да ги извадите пред да се упатите кон аеродромот.
Не ги следите препораките за носење течности во рачниот багаж
Обезбедувањето на аеродромите најчесто е мошне ригорозно кога станува збор за количината на течности како шампон и парфем што смее да се носи во рачниот багаж. Секоја амбалажа мора да биде со максимална големина од 100ml.
Ова е особено важно ако патувате само со рачен багаж, затоа што ќе мора да се простите од сите поголеми шишиња што ги носите.
Пред да тргнете информирајте се добро каква е политиката за течности.
Пристигнувате на аеродромот подоцна од препорачаното време
Пред да се качите во авион треба да поминете подолга процедура, за чекирање, безбедносна проверка и слично, па заради тоа секој аеродром ги советува патниците да пристигнат барем 3 или 2 часа порано од времето на полетување.
Ако доцните може да ви се случи да го пропуштите летот и да мора да купите нов билет.
Пред да тргнете од дома земете ги предвид сообраќајот и метежот и колку време вообичаено ви треба за да стигнете, и планирајте го времето според тоа дали полетувате од аеродром каде има многу метеж.