Македонците кои се иселиле или се на привремена работа во странство имаат различни искуства за тоа колку време е потребно за адаптирање во новата средина. Но, повеќето велат дека барем неколку месеци се потребни за прилагодување на животот во друга држава.
Гордана Бошкоска Велков веќе 10 години живее во Данска и вели дека на почетокот ѝ било тешко. Особено потешкотии имала за наоѓање на стан заедно со семејството.
„Мажена сум, имам три деца и нас ни беше тешко да најдеме стан. Тоа е еден од поголемите проблеми во Данска. Јас имам завршено високо образование за готвач, работам повеќе од 8 години како готвач. Се навикнуваш брзо на системот. Секаде е прифатливо да се зборува англиски, а за работа има многу веб страници каде можете да аплицирате. Јас за еден месец најдов работа. На пример за семејство, ќе му требаат три месеци за сите документи, за дозвола за престој, за здравствени книшки, за да бидат во систем. Јас после три месеци се запишав во школо за дански јазик. Додека да поднесеш документи за престој, треба да имаш банкарска сметка, три месеци да имаш редовен приход. Јас на пример после една година се запишав на школо за готвач, со основно познавање на дански јазик, три години студирав и работев. Децата кога дојдоа, беа три месеци во интернационално школо за јазик, а потоа ги пратија во основно данско школо “, вели Бошкоска Велков.
Аниа Светозаров лесно се адаптирала во Полска, затоа што има полско потекло.
„Јас сум полу Полјачка, така што мојата адаптација беше многу полагодна и ми беше многу полесно бидејќи овде имам фамилија. Го знаев јазикот добро, започнав со студии и подоцна почнав да работам. На факултет имав стипендија и бев независна колку – толку. Има и луѓе кои дошле во Полска без никакви врски со земјата. Сега веќе 3.5 години живеам во Германија“, рече Светозаров.
Тихомир Давчев кој работи во Оман објаснува дека неколку месеци се потребни за привикнување на животот во оваа земја.
„Во Оман треба неколку месеци за да се привикнеш на климата, начинот на живот и односот на луѓето. Не е толку тешко бидејќи луѓето се љубезни и сакаат да помогнат на секој чекор. Многу зависи од тоа колку си отворен за дружење со локалци и од тоа какви кругови на луѓе ќе запознаеш, преку работа, спорт или заеднички пријатели“, вели Давчев.
Кристина Костова во 2011 година заминала во Братислава, Словачка. Првата година учела јазик, потоа се запишала на факултет и подоцна се вработила.
„Мене лично ми требаше година или година и пол да се стабилизирам, да ги научам навиките, традициите, и да сфатам што може, а што не. Најголем фактор според мене беше тоа што првата година кога дојдов се дружев со Балканци, Македонци, Срби, Хрвати. Кога се запишав на факултет постепено имав и многу пријатели Словаци, повеќе отколку наши - многу од нив и си заминаа“, вели Костова.
Според неа, важно е секој кој ќе замине во странство да ја почитува земјата домаќин.
Според електронскиот попис направен во 2021 година, Македонци живеат не само во европските земји, туку ги има на сите континенти, дури и во Северна Кореја, на Малдивите, Фарските Острови, Микронезија, во Доминиканската Република, па дури и на Антарктикот.
Извор: faktor.mk