Францускиот претседател предложи мерки против климатските промени. Од следната година, многу поширок круг луѓе ќе можат да си дозволат електричен автомобил.
Како дел од големиот план за заштита на климата, Франција ќе направи електричните автомобили да станат многу подостапни. Претседателот Емануел Макрон најави дека луѓе со пониски примања, од следната година ќе можат да користат лизинг на електрични автомобили, со месечна рата што ќе почнува од 100 евра.
Понудата ќе важи само за автомобили што се произведени во Европа. Уште се работи на деталите. Макрон кажа дека бројот на електрични автомобили што годишно се произведуваат во Франција ќе достигне еден милион до 2027 година.
За во исто време да се поттикне народот да користи јавен превоз, во 13 најгусто населени подрачја ќе се изгради регионална железничка мрежа. Неодамна во Стразбур беше пуштена во промет брза регионална железничка линија.
Покрај тоа, Франција од греење на гас ќе се префрли на примена на топлински пумпи. До 2027 година, во земјата ќе се произведуваат по еден милион топлински пумпи годишно. Соодветно ќе се изврши и обука на 30.000 монтери.
Францускиот Зелен Буџет располага со 40 милијарди евра
Мерките се составен дел од „францускиот еколошки план“ што тежи милијарди. Целта е да се реагира на климатските проимени, да се заштити биодиверзитетот и соодветно да се постапува со ограничените ресурси, кажа Макрон.
Првата етапна цел е емисијата на СО2 на Франција до 2030 година да се спушти за 55 проценти во споредба со 1990 година. Покрај штедливост при користењето на енергијата и водата, се бараат и технички иновации, како и промена на однесувањето на производителите и потрошувачите. Таканаречениот Зелен Буџет само во следната година предвидува да се потрошат 40 милијарди евра.