Во текот на последните неколку месеци беа донесени мерки за намалување на цените на храната, со цел да се подобри животниот стандард на граѓаните и да се олесни справувањето со економската криза.
Меѓутоа, многу граѓани се жалат дека и покрај овие мерки, сепак, некои производи сѐ уште се недостижни.
Најмногу забележуваат на цените на бурекот, питите, гевреците и на другите пекарски производи кои се сметаат за традиционални македонски јадења, особено за појадок.
Граѓаните се жалат дека овие производи не се вклучени во листата на производи со намален ДДВ и дека немаат забележано значителна разлика во цените во пекарниците.
72-годишниот Љубиша Костовски, пензионер од Скопје, вели дека за четвртина бурек со јогуртче утрово платил 140 денари.
„Тоа се навистина многу пари за едно обично јадење. Јас со пензијата не можам да си го дозволам тоа задоволство, но го купив бурекот затоа што момчето веќе го завитка. Пред две години ваквиот појадок чинеше најмногу 80 денари, а сега скокна на 140. Каде е намалувањето на цените? Каде е помошта за нас? Владата не нè гледа, тие само ветуваат”, вели Костовски.
И Бисера Кузмановска на Фејсбук се пожали дека во една пекарница во Центар ѝ наплатиле 40 денари за најобичен геврек.
„Не можам да верувам колку се скапи гевреците во оваа пекарница. Влегов да купам еден за ужина, а тие ми наплатија 40 денари за најобичен геврек. Тоа е безобразие! Со тие пари ќе си купев леб и ќе јадев два дена. Ова е кражба среде бел ден. Нема да влезам повеќе во оваа пекарница, ниту во друга која има такви цени. Нема да дозволам да ме искористуваат така”, напиша Кузмановска.
Денар разговараше на оваа тема со сопственик на пекарница на територијата на Ѓорче Петров.
„Засега не можеме да ги намалиме цените на бурекот и на другите производи, бидејќи нашите трошоци за производство се зголемени. Видете ја само цената на брашното и споредете ја со ланската. Погледнете за колку пари се продава маслото, сирењето. Да не ви кажувам колкави месечни сметки плаќаме за индустриска електрична енергија. Свесни сме дека производите се поскапени, ама не можеме да си дозволиме да работиме со загуба. Треба да ги покриеме трошоците и да имаме некаква добивка. Не сме ние виновни поради тоа што цените растат, туку тоа е проблем на Владата. Ние само сакаме да продолжиме да работиме и да им обезбедиме квалитетна храна на граѓаните“, изјави нашиот соговорник, кој од разбирливи причини сакаше да остане анонимен.