Во последните години читавме дека бројни земји нудат визи и добри услови за преселба, а сега наидовме на веста дека едно село на магичниот италијански остров Сардинија на „дигиталците“ им нуди ни помалку, ни повеќе, ами бесплатно сместување.
Поточно, тоа е селото Ололаи, кое се наоѓа во самиот центар на островот. Во самото село нема премногу жители, според последните податоци во 2016 година тука постојано живееле нешто помалку од 1.300 луѓе.
Како што пренесува Euronews, веќе има и такви кои ја искористиле приликата и се преселиле, а една од нив е и Кларис Партис, информатичарка од Лос Анџелес.
„Ми требаше промена на местото. Барав локација која не е туристичка, но во исто време опкружена со природа, чист воздух, планини, прекрасни плажи, локација каде можам да најдам мир и полесно темпо на живот“, вели таа.
Ололаи го понуди токму тоа. Сместено е доволно далеку од сè попознатиот брег на Сардинија, но сепак доволно блиску за да можете релативно брзо да стигнете до него. Она што особено го фалат сите, вклучително и американската информатичарка, е дефинитивно храната за која вели дека е одлична и дека ужива „да купува свежи тартуфи и подготвува тестенини и њоки со разни видови сосови“.
Иако е одличен избор за дигиталните номади, Ололаи е едно од селата кои доживеале тажна судбина која се одразува со депопулација на руралните области. Така, бројот на жители се намалил од 2.250 на 1.300 во последните сто години, што е огромна разлика. Веќе пишувавме како Италија се справува со овој проблем во последните години, мотивирајќи многу луѓе да се преселат во руралните области и, под одредени услови, да купат куќа за буквално едно евро. Истата „акција“ ја понуди и ова село, а според градоначалникот се покажала како успешна.
Бидејќи таа програма беше успешна, тие сега решија да инвестираат во нешто друго и да станат центар за дигитални номади. Програмата наречена Work from Ollolai (Работи од Ололаи) во следните две години ќе биде домаќин на работници од целиот свет и ќе им понуди можност за бесплатно сместување до три месеци. Кој ќе се одлучи за оваа опција мора да се пријави до крајот на годината.
Што се однесува до социјализацијата, таму нема проблем, бидејќи искуството покажува дека домаќините се прилично отворени и срдечни. Се разбира, иако сè во природата звучи бесплатно, има еден мал улов. Кој ќе се пријави на програмата мора да остави некоја конкретна трага од својот престој, која може да биде есеј, научен труд или есеј поврзан со животот во Ололаи.
Извор: kajgana.com