Интервју со: Неговата Екселенција амбасадорот на Р. Словенија во Северна Македонија, г. Грегор Прескер
1. Какви се односите меѓу Словенија и Северна Македонија? Каква е политичката, стопанската и развојната соработка меѓу двете земји?
- Односите меѓу двете земји се одлични уште од признавањето на независноста на Македонија во 1992 година и отворањето на Амбасадата во Скопје, која беше дури и првата странска амбасада во земјата. Во текот на три децении, Словенија и Северна Македонија изградија примерни политички односи, бројни партнерства од областа на стопанството, културата, образованието, одбраната, внатрешните работи (полицијата) како и други области.
Словенија е долгогодишен поддржувач на Македонија на нејзиниот евроатлантски пат и по полноправното членство во НАТО, се фокусира на пренесување на словенечкото искуство во преговарачкиот процес за влез во ЕУ. Активно сме ангажирани и за добивање поддршка од другите земји-членки на ЕУ во овој процес.
Словенија и Северна Македонија се важни стопански партнери. Во 2022 година, трговијата со стоки е зголемена за 14%. Позитивното економско опкружување и правичната законска рамка се клучни елементи за натамошно зајакнување на нашата билатерална стопанска соработка со акцент на инвестициите.
Македонија е еден од главните приоритети на Словенија во областа на развојната соработка. Од 2010 година до денес има добиено приближно 37,7 милиони евра од словенечкиот фонд за развојна соработка.
Словенија издвојува најголем дел од развојната помош за младите македонци и македонки, кои се ослободени од школарина за додипломски и постдипломски студии на словенечките универзитети. Тие го привлекуваат вниманието кон себе со своите професионални и научни достигнувања и со богатите културни активности на нивните здруженија. За успехот на македонските студенти во Словенија говори и тоа што еден од нив моментално е министер во владата на Република Словенија.
2. Како членството во ЕУ влијаеше на Словенија и нејзините жители?
- Од нејзиното членство во Европската унија во 2004 година, Словенија постигна значителен економски и социјален напредок. Словенија стана членка на единствениот пазар на ЕУ, кој е најголемата економска област во светот. Словенечките компании можеа да започнат слободно да тргуваат со стоки и услуги во другите земји на ЕУ. Ова го стимулираше економскиот раст и отвори нови работни места. Дополнително, ЕУ обезбеди финансиска помош за Словенија за развој и поддршка на економијата. Резултатите од овие промени беа видливи со економскиот раст на Словенија. БДП по глава на жител порасна за повеќе од 50% од 2004 до 2022 година. Словенија стана една од најстабилните економии во регионот.
Членството во ЕУ и донесе многу социјални предности на Словенија. ЕУ им го гарантира правото на слободно движење на граѓаните на ЕУ. Словенците можеа да започнат слободно да патуваат, да живеат и работат во други земји на ЕУ. Ова ги зголеми можностите за граѓаните и придонесе за поголема мобилност на работната сила. ЕУ, исто така, обезбедува високи стандарди за заштита на човековите права и демократијата. По пристапувањето во ЕУ, Словенија мораше да го прилагоди своето законодавство на заедничките правни стандарди на ЕУ, што придонесе за подобрување на човековите права и демократијата во Словенија.
Поради овие причини, Словенија силно ја поддржува Северна Македонија во нејзиниот реформски процес и усогласување на законодавството со европското право.
3. Зошто се решивте за соработка на настанот „Работа и живот во Словенија“?
- Сакаме странските работници кои одлучуваат да работат во Словенија да бидат добро информирани за нивните права и должности. Во соработка со Агенцијата за вработување на Република Словенија, можеме да обезбедиме на настанот да бидат претставени доверливи работодавци кои го почитуваат законот и обезбедуваат добри услови за работа. На тој начин, барателите на работа ќе добијат веродостојни информации за условите за работа и живот во Словенија, како и релевантна правна заштита со релевантни информации.
Сите детали оклолу настанот Работа и живот во Словенија се ОВДЕ