Како и секоја година во декември, престижниот магазин Forbes објави листа на највлијателни жени, а на листата за 2023 година се најдоа бројни имиња од светот на политиката, економијата и шоубизот.
Меѓу другото, на овогодинешната листа на Forbes се најдоа имињата на оние жени кои имале силно влијание врз популацијата, а таму свое место најдоа и Тејлор Свифт и Бијонсе.
„Како и секогаш, листата на моќни жени во 2023 година беше одредена со четири главни показатели. Пари, медиуми, влијание и сфера на влијание. За политичките лидери се гледаше БДП и населението“, наведува Forbes.
Годинешната листа на најмоќни жени ја предводи претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
„Таа беше назначена за претседател на ЕК во јули 2019 година. Таа е првата жена на таа позиција и е одговорна за законите што влијаат на повеќе од 450 милиони Европејци“, се вели во извештајот.
Интересно е што на второто место се најде претседателката на Европската централна банка, Кристин Лагард.
„На 1 ноември 2019 година, таа стана првата жена на чело на Европската централна банка. Како шефица на европската монетарна политика, Лагард се соочува со бројни предизвици“, се објаснува.
Третото место на листата го зазеде потпретседателката на САД Камала Харис, а на четвртото премиерката на Италија Џорџа Мелони.
„Подемот на Мелони на власт беше неверојатен, а нејзиното влијание е видливо и во Италија и на меѓународната сцена. Нејзината позиција на ранг листата сведочи за нејзината политичка острина и способност да се движи низ сложениот свет на глобалната политика“, се вели во анализата.
Анализата на Forbes за најмоќните жени во 2023 година, исто така, наведува дека женската моќ денес стои на клучна раскрсница која се карактеризира со остар контраст и неисполнети ветувања.
„Клучот за напредокот лежи во рамнотежата помеѓу цврстата и меката моќ, отклучувајќи го целосниот потенцијал на женското лидерство. Оваа потреба никогаш не била поочигледна. Тоа е потреба на која мора да обрнеме внимание за да создадеме поотпорна и праведна светот“, заклучува Forbes.