Измамниците кои се обидуваат да направат измама продавајќи лажни копии од врвно вино наскоро ќе мора да се соочат со вештачка интелигенција. Научниците обучија алгоритам кој ќе го следи хемискиот состав на виното толку прецизно што ќе може да одреди од каде доаѓа грозјето од кое е направено.
Истражувачите користеле машинско учење за да ги разликуваат вината врз основа на суптилните разлики во концентрацијата на голем број соединенија, овозможувајќи им да го следат потеклото на виното не само во специфичен регион за одгледување вино, туку и до имотот каде што виното е направено.
„Има многу измами со вино каде што луѓето прават некои измислици во нивните гаражи, печатат етикети и ги продаваат за илјадници долари. За прв пат покажуваме дека имаме хемиска анализа која е доволно чувствителна за да можеме да ја видиме разликата“, нагласува професорот Александре Пуге од Универзитетот во Женева.
За да ја обучат програмата, научниците се свртеа кон гасна хроматографија, која беше искористена за анализа на 80 вина направени во текот на 12 години од седум различни имоти во регионот Бордо во Франција. Оваа техника најчесто се користи во лабораториите за да се одвојат и идентификуваат соединенијата што ја сочинуваат смесата. Наместо да се обидува да најде поединечни соединенија кои разликуваат едно од друго вино, алгоритмот се потпира на сите хемикалии откриени во виното за да создаде најсигурен потпис за секое вино. Програмата ги прикажува своите резултати на дводимензионална решетка, каде вината со сличен потпис се групирани заедно.
Во Европа, фалсификуваните пијалоци се одговорни за годишна загуба од три милијарди евра на винарите. Иако откривањето измами е најочигледната апликација за програмата, професорот Пуже верува дека овој пристап може да се користи за следење на квалитетот за време на процесот на производство на вино и за обезбедување добра мешавина.