Македонските граѓани се трети по број на листата на странски работници во Хрватска. Ова се податоците што ги објави хрватското МВР и според нив, минатата година во оваа земја работеле 13.412 Македонци.
Најчесто, македонските граѓани го поминуваат летото во Хрватска, каде се вработуваат сезонски за време на туристичката сезона, па така ги има најмногу во угостителството, хотелиерството, малопродажбата...
Генерално, македонските граѓани се задоволни од работата таму. Велат дека месечно заработуваат ии до 1.300 евра, а сместување и храна не плаќаат.
„Секое лето одам во Хрватска на 4/5 месеци. Вообичаено, сезоната почнува во април/мај, а завршува некаде во октомври. Јас лично работам кај постари луѓе кои имаат семеен бизнис-пекара. Таму и работам. Сместена сум во објектот каде што е пекарата, бидејќи таму тие издаваат и соби. Дополнително имам бесплатни оброци“, вели Билјана, 28 годишна скопјанка, која секое лето работи во Хрватска.
Инаку, според податоците на хрватското МВР, најголем број работници во Хрватска има од Непал. Веднаш зад нив се Индијците,а освен од Македонија, големи контингенти странски работници во Хрватска има и од Филипини, Бангладеш, Косово, Турција и Албанија. Вкупно Хрватска издала 172 илјади работни дозволи на странци за трајно вработување, што претставува рекорд во оваа држава.
Хрватскиот завод за вработување објави дека најмногу странци имало вработени како градежници, келнери и куварски помошници. По сектори највисока просечно нето плата добивале куварите, по 697 евра месечно. Најмалку платени биле доставувачите-странци кои имале просечна плата од околу 560 евра.
Просекот не е ваден по националноста на вработените странци туку по професија. Најмали плати според хрватските медиумо добивале работниците од Непал. Статистиката е за нето исплатени месечни примања, а на просекот не се додавале платите исплатени на црно, без придонеси.