Дел од жителите на македонските села собираат и продаваат мов. Откупувачите велат дека сепак не е како порано, затоа што бројот на собирачи се намалил. Според нив, пред 10 или 15 години, имало семејства кои живееле од собирање на мов, печурки и шумски плодови.
Цената сега е евро за килограм, но од година во година таа варира.
„Сега е околу евро, а лани цената беше 80 денари за килограм. Мов ако нема доволно во Србија, Бугарија, Босна, тогаш цената расте. Се извезува во странство, се користи претежно во козметичката индустрија. Но, собирачи нема како порано“, вели Ѓорѓи Атанасовски, откупувач.
Друг откупувач објаснува дека мов собираат луѓето од охридско, околината на Македонски Брод, Битола, Кичево.
„Станува збор за дабов мов кој се собира во шумите. Луѓето претежно го собираат рачно, а потоа тој се балира и се извезува во европските земји, Шпанија, Франција. Мовта се собира најчесто во пролет, есен, зима, го има на осојните места. Луѓето дневно можат да соберат од 10 до 20 килограми мов. Имало години кога се откупени по 200-300 тони мов. Државата е пребогата со мов според мене, но треба да има и собирачи“, додава окупувач од западна Македонија.
Мов собираат и жителите на селото Самоков. Велат дека целта е да се заработи некој денар од она што природата го дала.
„Во Самоков можеби има 50 селани кои собираат мов. Во другите села нема толкав број на собирачи, затоа што нема ни многу жители. Собираат сиромашните, богатите не ги интересира оваа работа. Дневно можат да соберат по 8 или 10 килограми, а 20 килограми е поголема количина и бара повеќе работа. Оние што јас ги знам, мов собираат рачно“, додава жител на Самоков.
Жителите од Зркле велат дека и во нивното село во минатото мештаните собирале мов, но сега има мал број луѓе и не се занимаваат со истото. Мовта освен за козметика, се користи за декорации, за градини, за во цвеќарници.