Зошто времето оди нанапред, а не наназад? Можеби ова звучи како едноставно прашање, но всушност малку е покомплицирано отколку што изгледа. Физичарот Шон Карол, ова го објаснува во новото видео на „Minute Physics“.
Повеќето закони на физиката, како гравитацијата и квантната механика се симетрични во однос на времето. Тоа значи дека не е важно дали времето се движи напред или назад и доколку времето се движи во обратна насока, законите на физиката исто би важеле.
Ова важи за сите закони, освен за еден. Тоа е вториот закон на термодинамиката каде се применува насоката. Според овој закон со време се преминува од состојба на подреденост во состојба без ред и тоа е единствен физички закон кој не може да оди наназад.
Вториот закон на термодинамиката е причина зошто може работите да се помешаат, но не може повторно да се одвојат – како на пример кафе и млеко. Кога не се измешани, тие се во состојба на подреденост, а кога ќе се помешаат таа состојба се нарушува. Според вториот закон на термодинамиката, колку и да се обидувате не може да го одвоите кафето од млекото.
Вториот закон на термодинамиката покажува зошто не може да се вратите во минатото. Универзумот започнал како екстремно подредена состојба. Со тек на време универзумот се измешал и станал помалку подреден, како на пример кога ќе го измешате кафето. Враќањето во „неизмешан“ универзум не е возможно.
Во крајна линија, ова значи дека времето постои само затоа што Биг-Бенгот создал универзум кој започнал во состојба на ред. Доколку универзумот бил во неред од самиот почеток, не би останало ништо што може да се помеша и времето не би постоело. Ова исто така значи дека еден ден, во далечна иднина, кога сѐ во универзумот ќе се помеша и времето целосно ќе исчезне.