Безмалку половината од 734.139 странски туристи кои лани дошле во Македонија престојувале во главниот град Скопје, покажуваат официјалните статистички податоци. А бројот на странски туристи лани пораснал за 37 отсто во однос на 2022 година. Сепак бројките покажуваат дека проектот „Скопје 2014“ е туристичка атракција на главниот град со сите негови политички опашки
Контроверзниот, оспоруван и фален, плукан и гален, мегаломански и консензуално мултимилионски градежен проект за кој беа амнестирани од кривична одговорност речиси сите државни фунционери „Скопје 2014“ е магнет за странските туристи кои се одлучуваат да го посетат Скопје - убедливо најпосетуваната туристичка дестинација во Македонија. Ова континуирано го потврдуваат и официјалните податоци на Државниот завод за статистика (ДЗС).
Конкретно и во декември лани, најновите податоци на ДЗС, покажуваат дека убедливо најголем број странци кои биле тука во декември како своја дестинација го одбрал главниот град Скопје. Инаку Скопје во континуитет е избор број еден на странски туристи во Македонија.
Во декември Скопје го посетиле 17.546 странски туристи. А тоа е 51 отсто од сите туристи кои тој месец дошле во земјава. Тие за овој месец оствариле 32.664 ноќевања што е половина од сите ноќевања во земјава. Просечниот секој турист во декември во Скопје имал две ноќевања. Дури 85 отсто од сите ноќевања во Скопје во декември биле на гости – странци.
Бројот на странски туристи во Скопје во декември е помал за 34 отсто во однос на ноември и покрај тоа што последниот месец минатата година имаше голем број странски гости за време на одржувањето на самитот на ОБСЕ во Скопје.
Наспроти Скопје најмалку странци ги посетуваат македонските бањски лекувалишта и рекреативни центри. Во декември само 0,8 отсто од сите странски гости односно 270 лица ги посетиле македонските бањи. Тие оствариле 850 ноќевања.
Не е ништо подобро ниту со планинската туристичка понуда. За еден месец само 1.750 странци ги посетиле македонските планински туристички центри (Крушево, Попова Шапка, Маврово, Пелистер, Пониква). Тие за овој период регистрирале 3.300 ноќевања, а тоа во вкупниот број ноќевања учествува со 5 отсто.
Езерските места и нивната туристичка понуда во декември , значи надвор од сезона, и не е толку лоша. Убедливо е втора и подобра од бањите и планинските места затоа што во вкупниот број на гости од странство учествува со 22,5 отсто, а во вкупниот број ноќевања со 22 отсто. Тоа значи 7.734 странци ноќевање 14.113 пати во нашите езерски центри (Струга, Охрид и Дојран).
Лани Македонија ја посетиле над 734.000 туристи, а 47 отсто од нив за своја туристичка дестинација го избрале Скопје.