Истражувачите од Универзитетот Тулејн во САД открија дека живеењето во близина на барови и ресторани за брза храна може да го зголеми ризикот од срцева слабост, објавија UPI и BTA.
За целите на оваа студија беа користени податоци од над 500.000 возрасни лица во ОК. Информациите за здравствената состојба на испитаниците беа земени од Британската Биобанка – големо складиште за човечки биолошки примероци. Научниците го утврдиле и видот на прехранбената средина во која живееле учесниците. Тие беа поделени во три групи во зависност од тоа дали во близина на нивните домови има пабови или барови, кафулиња и продавници за брза храна.
Проценетото влијание на животната средина се определува од близината на објектите за јадење (живеалиште на 15 минути пешачење од ресторан, бар или кафуле) и концентрацијата на таквите објекти на километар површина. По фазата на собирање податоци, започна фазата на набљудување на учесниците, која траеше 12 години.
Речиси 13.000 случаи на срцева слабост беа документирани во периодот на набљудување. Анализата покажа дека поблиското растојание до домот и поголем број барови и ресторани за брза храна се поврзани со зголемен ризик од развој на срцева слабост.
Жителите на областите со најголема густина на пабови и барови имале 14 отсто поголем ризик од развој на срцева слабост, додека големиот број ресторани ја зголемиле веројатноста за развој на оваа патологија за 12 отсто.
Студијата исто така покажа дека учесниците кои живееле најблиску до пабови и барови (на 500 метри од нив) имале 13 отсто поголем ризик од срцева слабост. Близината до рестораните за брза храна беше поврзана со 10 проценти поголем ризик.
Истражувачите забележуваат дека пристапот до брза храна и алкохолни пијалоци веројатно е во корелација со почестите посети на луѓето во барови, пабови и ресторани за брза храна. Ваквите нездрави прехранбени навики се поврзани со зголемен ризик од развој на дијабетес и дебелина, кои пак можат да бидат провокатори на срцева слабост, потсетуваат експертите.
Резултатите од студијата се објавени во списанието „Circulation: Heart Failure“.