Светската туристичка организација на Обединетите нации распиша конкурс за избор на најубавото туристичко село во светот. После Мокра Гора, која веќе ја понесе таа титула, во конкуренција сега е и златиборското село Гостилје.
Златиборци одлучиле Гостилје да го кандидираат за титулата најубаво село во светот поради тоа што освен што изобилува со природни и културно-историски вредности, селото е вистински пример за тоа како руралниот туризам во современиот свет може да се развива на одржлив начин и како добрите инвестиции и афирмацијата на микротуристичките локалитети може целосно да го унапреди животот во селото.
Туристичкото здружение Гостилје од 2009 година се грижи за уредувањето и одржувањето на локалитетите и во соработка со општината Чајетина и со Туристичката организација Златибор инвестираат во нови туристички содржини. Покрај тоа, водопадот на Гостилје е еден од најуредените локалитети во околината на Златибор, каде што има пешачки патеки, фудбалски терени.
Гостилје на туристите им е многу достапно затоа што до сите туристички атракции водат добри патишта и обележана туристичка сигнализација.
Во селото живеат околу 400 жители, кои главно се занимаваат со сточарство и овоштарство. Околината нуди идеални услови за собирање лековити билки, риболов и спортски туризам. Природната средина на селото е многу живописна, а посебна атракција е реката Врело со водопадите и слаповите.
Туристичкиот развој на селото, кој подразбира иновативен пристап во туризмот, истовремено штитејќи ја локалната заедница, традицијата и наследството во склад со целите за одржлив развој, го прават селото Гостилје идеален кандидат за конкурсот за најубаво туристичко село.