Овој месец е постигната согласност во ЕУ за ревизија на не толку одамна ревидираната Директива за пакување на отпадот (во 2018 година). Зошто беше потребна оваа ревизија? Европската комисија признава дека Директивата која е дел од пакетот за циркуларна економија не успеала да ги постигне основните цели – да се намали влијанието на овој отпад врз животната средина, како и да се обезбеди функционирање на внатрешниот пазар.
Целните вредности (или со странски зборови: „таргети“) утврдени во Директивата не се постигнати во сите држави членки. Така, на пример, целната вредност од 55% рециклиран отпад од тежината на севкупниот отпад од пакување поставен уште за 2008 година не е постигнат ни во 2021 година во четири земји членки. Европската агенција за заштита на животната средина проценила дека постои ризик 10 држави членки да не ја исполнат целната вредност до 2025 година – 65%. Меѓу нив се и соседните држави членки на регионот –Бугарија, Грција, Романија, Унгарија и Хрватска.
Уште поголем проблем е тоа што се зголемува вкупното количество отпад од пакување. Така, според Евростат, во 2021 година, просечно во ЕУ се создале 188,7 кг. отпад од пакување по жител, што е за 32 кг. повеќе одошто од 2011 година. Тоа е 10,8 кг. повеќе одошто во 2020 година, што е највисоко зголемување последните 10 години. Оттаму, иако процентите на рециклиран отпад и на обновен отпад од пакување во просек на ниво на ЕУ растат, сепак вкупното негово количество се зголемува. Ова секако придонело да се крене алармот и да се бараат други решенија.
Покрај ова, новата ревизија на законодавството е во форма на регулатива, а не директива. Тоа се објаснува со потребата од хармонизирани правила, зашто досегашната правна форма – директивата, довела до различни пристапи во државите членки, а со тоа и нееднаквости на единствениот европски пазар.
Како се планира да се надмине оваа мртва трка?
Се предлагаат три групи на мерки:
- Намалување на создавањето на отпад од пакување – преку повторна употреба или полнење на пакувањето, елиминирање на непотребното пакување;
- Целата амбалажа во ЕУ да може да се рециклира до 2030 година;
- Намалување на потребата од примарни природни суровини.
Посликовито, тоа ќе значи, на пример, во рестораните да нема послужување во пакување за една употреба или во хотелите да ги нема малите пакувања шампони и други препарати. Се предлага и задолжително воведување депозит за да се поттикне враќање на пластичните шишиња и лименки – систем на кауција за амбалажа, што сега ги има во некои држави членки, а е опција и според нашиот закон. Повозрасните се сеќаваат на времето кога скоро целата амбалажа беше за повторна употреба, па овие мерки им се “déjà vu”. Се предвидуваат и мерки за воедначување на етикетите, за да биде појасно кој отпад каде се одложува.
Дали мерките се доволно амбициозни ќе покаже времето. Застапниците за животна средина се критички расположени, сметајќи дека европските институции направиле премногу отстапки под силниот притисок на засегнатите индустрии – особено онаа за пакувања за една употреба. И некои држави членки сé уште имаат резерви.
Како стои Македонија во оваа област?
Што се однесува да вкупниот создаден отпад од пакување, иако има тренд на пораст во Македонија, тој сé уште е далеку од европскиот просек, па 40-те килограми по жител се скоро двојно помалку од најмалото регистрирано количество во ЕУ, во Хрватска, со 73,8 кг по жител. Меѓутоа, се проценува дека во Македонија најмалку една четвртина од овој отпад е надвор од системот.
Пред две и пол години беше донесен новиот Закон за управување со пакување и отпадот од пакување, кој е во голема мера усогласен со соодветната Директива на ЕУ. Воспоставен е и системот на т.н. проширена одговорност на производителите за управување со посебни текови отпад (според видовите на отпад – стакло, пластика, хартија, метал, дрво…). Тоа значи дека производителите на отпад имаат законска обврска да организираат систем за собирање, селекција и рециклирање на сопствениот амбалажен отпад, кој завршува кај крајните корисници. За да го остварат ова, тие можат да склучат договори со колективните постапувачи, а тоа се неколку компании (сега четири) кои управуваат со отпадот од пакување– некои од нив и подолго од една деценија. Тоа значи дека правни и институционални претпоставки има, а што е многу важно – развиен е и приватниот сектор. Всушност посебните текови на отпад и проширената одговорност на производителите се позитивен исклучок од генералната оценка за неспроведувањето на законите од областа на животната средина, констатиран во независниот Извештај во сенка за поглавјето 27 за 2022 година, изработен од граѓански организации.
Временската разлика поставена за постигнување на целните вредности утврдени во македонскиот закон во однос на ЕУ не е голема – пет години.
Податоците покажуваат дека поставената целна вредност за рециклирање за вкупниот отпад од пакување за 2021 година е постигната во 2022 година. Меѓутоа, она што зачудува е наглиот пораст на процентот на рециклирање од 2021 до 2022 година за дури 17% што е нелогичен скок.
Веројатно ова може да се објасни со проблемите со собирање и обработка на податоците, констатирани и од самото надлежно Министерство за животна средина и просторно планирање. Натаму, и покрај тоа што нивниот број се зголемува, значителен дел производители на отпад не се вклучени во системот на колективни постапувачи, кои пак се главен извор за податоците. И конечно – стои и хроничната констатација за сериозни недостатоци во инспекцијата и надзорот.