Во време кога трошоците за живот се зголемуваат, а платите стагнираат, младите луѓе во Македонија се соочуваат со тешка одлука: да останат дома со своите родители или да се обидат да живеат сами под кирија.
Оваа дилема не е само финансиска: таа исто така влијае на нивната независност и можностите за развој.
Според последните истражувања, значителен процент од младите во Македонија одлучуваат да останат во домот на своите родители подолго време отколку што било планирано.
Оваа тенденција не е изненадувачка кога се земаат предвид високите цени на станбените трошоци и недостатокот на добро платени работни места.
Од друга страна, оние кои се обидуваат да станат самостојни често се наоѓаат во ситуација каде што голем дел од нивната плата оди за покривање на киријата и основните трошоци, оставајќи малку за штедење или уживање во животот. Ова создава циклус на финансиска несигурност кој може да има долгорочни последици за нивната економска иднина.
Според социолозите, државните политики и програми кои целат да ги поддржат младите во нивните напори за самостојност се од суштинско значење.
„Инвестирањето во образование, создавањето работни места и обезбедувањето пристап до прифатливо станбено сместување може да помогне во решавањето на овој проблем. Сепак, потребна е и културна промена. Социјалните норми кои ги притискаат младите да станат финансиски независни во рана возраст треба да се преиспитаат во светлина на сегашната економска реалност. Можеби е време да се признае дека животот со родителите не е знак на неуспех, туку реалистичен одговор на предизвиците со кои се соочуваат младите денес. Всушност, прашањето за тоа каде ќе живеат младите е многу повеќе од едноставен избор меѓу две опции. Тоа е прашање на општествена поддршка, економски можности и културни вредности кои заедно го формираат патот кон независноста на следната генерација“, коментираат социолозите со коишто Денар разговараше.
Според статистиката, процентот на млади лица кои живеат со своите родители во земјава изнесува повеќе од 83 отсто, а интересно е тоа што процентот уште од 2010 година изнесува 80 проценти и ниту еднаш не паднал под оваа бројка.
Ништо поразлична не е ниту состојбата во земјите од регионот, а особено висок процент на млади кои сѐ уште живеат со своите родители има во Србија, Хрватска, Грција и во Бугарија.