Во време кога регионалните иницијативи како „Отворен Балкан” се промовираат како средства за зголемување на економската соработка и мобилноста на работната сила, многу македонски работодавачи изразуваат загриженост за континуираната емиграција на младите професионалци кон земјите на Европската Унија.
„Секој ден сведочиме на одлив на таленти. Нашите најдобри и најсветли умови ни бегаат во странство, а она што ни останува се често недоволно квалификувани кадри кои не можат да ги исполнат потребите на пазарот”, вели Александар Дојчиноски, сопственик на мал бизнис во Скопје.
Оваа тенденција не е нова, но се забрзува во последните години, со многу млади Македонци кои се одлучуваат да ги бараат своите можности надвор од границите на земјата.
Според статистиките, повеќе од 50% од младите луѓе размислуваат за заминување во странство, привлечени од подобрите услови за работа, поголемите плати и повисокиот квалитет на живот.
„Проблемот со ‘Отворен Балкан’ не е во самата иницијатива, туку во тоа што не успеваме да ги задржиме нашите млади. Ако не создадеме услови кои ќе ги мотивираат младите да останат, ќе продолжиме да губиме не само работна сила, туку и интелектуален капитал”, додава Дојчиноски.
Работодавачите предупредуваат дека оваа ситуација може да има долгорочни последици за економијата на земјата, бидејќи недостатокот на квалификуван кадар ја оневозможува конкурентноста на македонските компании на глобалниот пазар.
Во обид да се спротивстават на овој тренд, некои компании започнаа да инвестираат во образование и обука на своите вработени, како и да нудат поконкурентни пакети за плати и бенефиции.
Сепак, останува прашањето дали овие напори ќе бидат доволни за да се промени текот на емиграцијата и да се создаде постабилна и просперитетна иднина за Македонија.
Според експертите, задржувањето на младите таленти во Македонија е мултидимензионален предизвик кој бара целосен пристап и стратегии кои ќе ги адресираат различните аспекти на проблемот.
„Потребно е создавање на поволна бизнис клима, со цел привлекување на домашни и странски инвестиции кои ќе отворат нови работни места и ќе понудат конкурентни плати и услови за работа. Траба да се инвестира и во образованието, бидејќи подобрувањето на квалитетот на образованието и поврзувањето со потребните на пазарот на трудот, како и создавање на програми за стипендирање кои ќе ги наградуваат најдобрите студенти – објаснуваат економистите.