Во текот на летото, градежниците од Крива Паланка си наоѓаат ангажмани во Косово, каде што се занимаваат со изградба на куќи и инфраструктура.
Димитар Павлов, ѕидар од Крива Паланка, во разговор за Денар открива дека работата во Косово му овозможува да зароботува значително повеќе пари во споредба со она што би заработувал во Македонија.
„Преку цело лето ѕидам куќи во Косово. Букиран сум од јуни, па сè до септември. Најчесто ме ангажираат повратници од странство во Косово, а нормално, тие не штедат кога станува збор градење куќа. Работата е интензивна, но не можам да се пожалам за платата. Кај нас, за истата работа, би заработувал едвај 50.000 денари месечно. Овде, во Косово, мојата заработувачка е скоро двојно повисока, а понекогаш и тројно“, објаснува Павлов.
Оваа ситуација ги става македонските занаетчии на крстосница. Додека некои се принудени да бараат работа надвор од земјата поради поголемата заработка, други се соочуваат со предизвици во странство.
Високите цени на горивото и животот, како и инфлацијата, се дел од реалноста со која се среќаваат македонските работници.
Од друга страна, оваа ситуација ги поттикнува истражувачите и економистите да размислат за можностите за подобрување на условите на работа во Македонија.
Подобро платени работни места и подобри услови за работа можат да придонесат за задржување на талентираниот кадар во земјата и да го подобрат животот на граѓаните.
Според последната статистика, околу 210 македонски државјани во моментов работат во Косово.
Косовскиот Институт за напредни студии – ГАП неодамна објави дека минатата година се издадени вкупно 3.646 работни дозволи за странски државјани, што е за 667, или 22,4 отсто повеќе во однос на претходната година.
Оваа земја лани издала повеќе од 3.600 работни дозволи за странски државјани, од кои 211 за државјани на Македонија.
Според земјите на потекло на граѓаните кои добиле работни дозволи во Косово во текот на изминатата година, први се државјаните на Турција, од каде што дошле 1.004 државјани, и Бангладеш, чии 722 државјани добиле работна дозвола.
Потоа следуваат 465 српски државјани и 440 од Албанија, а помал број се регистрирани од САД (144), од Филипините (70), од Германија (61), од Црна Гора (43) и од Италија (36). Македонци работат во повеќе земји од регионот.