Легендата вели дека Стив Џобс купувал ново „Porsche“, идентично на она кое веќе го поседувал, секојпат кога ќе се појавела гребнатинка на неговиот автомобил, но...
Стив Џобс апсолутно ги обожуваше спортските автомобили, иако никогаш не се фалеше дека знае многу за нив. Со текот на годините ги купуваше најдобрите автомобили. Легендата вели дека Стив Џобс купувал ново „Porsche“, идентично на она кое веќе го поседувал, секојпат кога ќе се појавела гребнатинка на неговиот автомобил, но причината за менување на автомобилот на секои 6 месеци е нешто што само малкумина го знаат.
Основачот на „Apple“ купувал црн „Porsche 911“ кабриолет на секои 6 месеци и тоа го правел со децении. Причината зошто Џобс постојано ги менувал автомобилите е затоа што ги мразел регистарските таблици и не сакал да има никаква табличка на неговиот автомобил. Тогаш Калифорнија им дозволувала на возачите да не користат регистарски таблици во првите 6 месеци од сопственоста. Џобс склучил договор да изнајмува нов автомобил на секои 180 дена, па затоа не морал да става регистарски таблици на него.
Џон Калас, експерт за компјутерска безбедност и софтверски инженер во „Apple“, ја потврди оваа приказна во интервју за „ITWire“ во 2011 година, само неколку месеци пред Џобс да почине.
Тогаш се шпекулираше дека Стив Џобс склучил договор со Одделението за моторни возила (DMV) за да добие баркод на неговиот автомобил наместо регистарска табличка. Но, оваа приказна не беше потврдена и сите автомобили во тоа време имале такви баркодови.
Со години дури и оние кои му биле блиски мислеле дека Стив ги менува автомобилите поради гребнатинки. Сепак, тој беше доволно богат за да ги менува возилата од таа причина.
Неговата ќерка Лиза Бренан-Џобс ја споменува оваа приказна за татко ѝ во своите мемоари „Small Fry“, прикажувајќи го како човек кој не бил многу дарежлив. Таа се надевала дека ќе добие еден од многубројните автомобили кои нејзиниот татко ги заменил.
Но, кога го прашала: „Можам ли да го имам кога ќе завршиш со него?“, нејзиниот татко имал прилично агресивен одговор. „Апсолутно не. Нема да добиеш ништо“, ѝ рекол тој, напишала Лиза во својата книга. Наместо тоа, тој би му подарил „Porsche“ на продавачот Крег Елиот за продажбата на повеќе „Macintosh“ компјутери од било кој друг во САД.
Подоцна преминал од „Porsche 911“ на „Mercedes-Benz SL55 AMG“ и го правел истото и со тој модел: го менувал автомобилот на секои 6 месеци, секогаш купувајќи го истиот модел во иста боја само за да вози без таблици.
Како ентузијаст за спортски автомобили, Џобс исто така возел и „BMW Z8“. Моделот беше продаден за 329.500 долари на аукција во октомври 2017 година, пишува „Autoevolution“.