Јутјуб каналот „Lovac na ukuse“ објави видео за најмладиот бурек мајстор во Србија, 9-годишната Лена Кљајиќ од Обреновац, која почнала да прави печива кога имала само 5 години.
Родителите на Лена се сопственици на локална пекара, а таа од мала почнала да поминува време со нив во кујната. Овој занает го научила од нејзиниот татко, а во видеото ги покажала своите вештини.
„Ова е наша семејна традиција и тие по малку учат покрај мене“, вели нејзиниот татко во видеото додека покажува како заедно го подготвуваат тестото.
Качена на столче за да биде во висина на работната плоча, Лена вели дека на 8 години научила да прави пити, а на 5 мали печива.
„Лена самата покажа интерес да го научи овој занает, а јас сум тука да ѝ помогнам да научи да биде вистински бурек мајстор и сè да прави рачно, да не работи машински“, вели нејзиниот татко на снимката.
Додека на видеото се гледа како подготвуваат различни печива од мини печива со виршли па сè до бурек, вештите раце на ова мало девојче се усогласени со движењата на нејзиниот татко со кој ја подготвува храната рамо до рамо.
Исечоците од кулинарските вештини на Лена ги преплавија социјалните мрежи, а ова мало девојче предизвика воодушевување и позитивни реакции во регионот.