Сардинија, остров кој се наоѓа среде Средоземното Море, е познат по своите магични плажи и драматични карпи кои го одземаат здивот.
Привлекува многу туристи, но неодамна претставената нова туристичка понуда на Сардинија е хит меѓу љубителите на мирот, тишината и природата.
Бесплатно сместување за помлади од 35 години
Имено, група планинари и поранешни рудари сега на авантуристите им нудат бесплатно сместување долж рударската рута Санта Барбара долга 500 километри на југозападниот брег на островот. Иницијативата „Leg’s Go In Cammino“ беше лансирана во октомври 2023 година и на посетителите помлади од 35 години им овозможува бесплатно сместување до три ноќевања.
По регистрацијата, патниците добиваат купони што можат да ги користат во локалните гостилници, кампови и преноќишта. А кога ќе се искористат трите бесплатни дена, сместувањето во мали, но шарени семејни гостилници се плаќа по стандардни цени од 20 евра за ноќ. Доколку одберат приватно сместување, за тоа ќе треба да платат 28 евра.
За да добијат три бесплатни ваучери, планинарите прво треба да купат т.н пешачки пасош вреден 5 евра и да направат мала, симболична донација.
Патеката поминува низ шуми, крај море и водопади
Гореспоменатата рута, именувана по Барбара, светицата и заштитничка на рударите, се состои од 30 етапи и минува низ високи ридови, бујни шуми, карпести гребени, во близина на прекрасни водопади и речиси 150 напуштени рудници.
Освен што ќе ги запознаат локалните жители и нивните обичаи на патот, планинарите ќе имаат и безброј можности да уживаат во познатата гастрономија на островот, пишува „Путни кофер“.
Секој планинар кој успешно ќе стигне до целта е награден со трофеј, дело на локален мајстор кој прикажува керамичка кула со три прозорци, што всушност е симбол на Санта Барбара.
Инаку, овој помалку развиен дел на југозападна Сардинија бил населен уште во 6.000 г. п.н.е., а рударството (пред сè се однесува на ископувањето на олово, цинк и сребро), па трговијата со метали во голема мера го обележала споменатиот регион. Многу рудници останале продуктивни во текот на двете светски војни, но тие почнале да пропаѓаат во 1960-тите и дефинитивно престанале со работа во 1990-тите.
„Гостопримливоста на мештаните не може да се опише со зборови“
Активистите, со цел да им оддадат почит на вредните и пожртвувани рудари, започнале план за создавање на Историски и еколошки парк со импресивна површина од 3.770 квадратни километри, чија главна цел е да се негува богатото наследство на ова место. Во 2001 година бил потпишан закон со кој официјално се признава паркот и му биле доделени финансиски средства со цел да се отворат 500 работни места за поранешни рудари и работници за одржување на рударски капацитети. Денес, некои од овие луѓе активно учествуваат во организацијата на рутата, која полека, но сигурно станува заштитен знак на регионот Sulcis Iglesiente во југозападниот дел на Сардинија.
Дури и Италијанците, кои веќе престојувале на островот, се воодушевени од патеката, која нуди одлична телефонска и интернет конекција низ целиот пат, што на посетителите им дава дополнително чувство на сигурност. Почетна и крајна точка на рутата е градот Иглесијас, а доколку сакате да ја завршите целата патека, ќе ви треба околу еден месец.
Кулата, местото на мачеништво на Света Барбара, го означува 500-тиот километар од оваа неверојатна патека, а токму на тоа место рударите се молеле пред да се симнат во темнината на јамата, свесни за големите ризици и опасноста од смрт.
„Гостопримството на локалното население не може да се опише со зборови, но нивните лични и автентични приказни поврзани со оваа област остануваат во нашите најубави сеќавања“, заклучиле планинарите за „Би-би-си“.