Ветровите носат топол воздух и прашина од Северна Африка во источниот дел на Медитеранот и се главните виновници за овој топлотен бран од почетокот на јуни.
Анализите на непрофитната организација „Climate Central“ покажуваат дека веројатноста за појава на екстремни горештини е пет пати поголема поради климатските промени и дека тоа ќе погоди најмалку 290 милиони луѓе.
Европа е континентот кој најбрзо се загрева во светот, покажа истражувањето на „Коперникус“, службата за климатски промени на Европската унија.
Периодот на екстремно високи температури има големи последици по здравјето на луѓето. Заедничкиот извештај на Светската метеоролошка организација и „Коперникус“ објавен претходно оваа година покажа дека во изминатите дваесет години бројот на смртни случаи предизвикани од топлотните бранови е зголемен за триесет проценти во Европа.
Се чини дека и остатокот од летото ќе биде слично. Службата за климатски промени на Европската унија прогнозира дека јули, август и септември најверојатно ќе бидат потопли од просекот.
„Последниот дел од летото во Европа веројатно ќе биде потопол од просекот во сите области, посув од просекот на југ и повлажен од просекот на крајниот север“, наведуваат од „Коперникус“.