Властите во Авганистан сакаат на земјоделците да им понудат алтернативен план за заработка.
Така, наместо да одгледуваат афион, од кој се добива опиум, им се нуди да се свртат кон производство на најскапиот зачин во светот – шафранот.
Производството на шафран оваа година во земјата се зголеми на рекордни 13 тони, што е зголемување за 22 отсто во споредба со претходната година.
“Земјоделците кои се посветија на одгледувањето шафран годинава имаа заработка од околу 17 милиони долари, имајќи предвид дека 90 отсто од авганистанскиот шафран се извезуваат”, се вели во соопштението од авганистанското министерство за земјоделство.
Станува збор за деликатен зачин што со векови се користи во различни кујни и во производството на парфеми. Билката уште се нарекува и “црвено злато”. На западните пазари се продава по цена од 1.500 долари за килограм.
Шафранот од Авганистан се извезува во 17 земји (главно во Кина, Индија и Персискиот залив, како и Европската унија и Северна Америка).