Еден од најголемите светски умови зад себе остави бројни откритија од областа на електротехниката и радитехниката.
Славниот научник Никола Тесла е роден на 10-ти јули 1856-та година во селото Смиљан, во близина на Госпиќ, во тогашната Хабсбуршка монархија. Студирал во Грац и Прага, а својот прв изум – апарат за засилување на гласот на телефонот се реализирал во 1881-ва година, додека работел како инженер во Будимпешта.
Наредната 1882-ра година, набљудувајќи го заоѓањето на сонцето во Будимпешта и цитирајќи стихови од „Фауст“ од Гете, Тесла открива принципот за создавање на ротирачко магнетно поле со наизменична струја.
По неуспехот при пуштањето во работа на првиот индукциски мотор на светот, Тесла во Европа не наидува на поддршка за неговото револуционерно откритие, поради што заминува во Америка и се вработува кај Томас Едисон.
Работата му ја понудил блискиот соработник на Едисон, Чарлс Бачелор. Во јуни 1884-та година Тесла доаѓа кај Едисон со белешка на која Бачелор ја напишал следната порака: „Познавам двајца големи луѓе. Еден сте вие, а другиот е овој млад човек кој стои пред вас“.
Своите прво полифазни индукциски мотори и генератори Тесла ги конструира во лабораторија која се наоѓа во неговата штотуку отворена електрична компанија. Новиот патент за осцилаторен трансформатор, денес познат како калемот на тесла го открива во 1891-ва година. На светската изложба во Чикаго во 1893-та година Тесла постигнува голем успех, бидејќи со помош на неговите 12 двофазни генератори биле осветлени павилјоните на изложбата. Деветте патенти на Тесла биле заслужни и за пуштањето во работа на првите хидроцентрали на наизменична струја на Нијагарините водопади во 1896-та година. За постигнувањата во областа на полифазните и високофреквентните струи Тесла добил Едисонов златен медал во 1917 година.
Големиот научник починал во 1943-та година на 87 години во апартман во хотелот Њујоркер во кој ги минал последните десет години од животот. Неговите посмртни останки биле кремирани по желба на неговиот внук Сава Косановиќ, а урната денес се наоѓа во Белград.