Во срцето на главниот град, каде што некогаш живописните улици беа исполнети со шарени излози и безброј купувачи-минувачи, сега владее тишина.
Излозите на дуќаните се празни, а на вратите висат табли со натпис „Се продава или се издава“.
Сопствениците на овие објекти се соочуваат со тешка борба да најдат нови закупци, кои се сè поретки во време на економска неизвесност.
Бараш работа во ОХРИД?
Цените за наем се намалени до рекордно ниски нивоа, но сепак, граѓаните се неодлучни да инвестираат во нов бизнис.
„Сè направив да го издадам мојот дуќан во Порта Влае,“ вели сопственикот Александар, чиј објект стои празен веќе неколку месеци.
Тој смета дека луѓето се плашат да започнат бизнис во ова несигурно време.
„Цената е смешно ниска, само 6.000 денари месечно, но сепак нема заинтересирани. Луѓето се плашат да започнат нешто ново во овие несигурни времиња“, вели соговорникот на Денар.
Оваа ситуација е резултат на многу фактори, но еден од најзначајните е појавата на големите трговски центри.
Барем така тврди вработена во агенција за недвижнини:
„Моловите ги привлекуваат купувачите со својата разновидност и удобност. Сѐ е на едно место. Климатизирано е, не дува, не врне, не ве пече сонце. Слободни сте, не мора да разговарате со продавачите ако не сакате да разговарате. Од друга страна, малите дуќанчиња едноставно не можат да конкурираат со тоа. Иако имаат свој шарм и уникатност, тешко е да се издржи во борбата со гигантите“, објасни Марија Николова, вработена во Агенција за недвижнини во Скопје.
Со секој нов отворен мол, додава таа, се прави уште еден чекор кон затворање на малите дуќани.
„Тие што преживуваат се оние со специјализирани производи или услуги, кои не можат лесно да се најдат во моловите. Но, за многумина, борбата е веќе изгубена. Скопје, како и многу други градови, се соочува со предизвикот да ги задржи своите мали бизниси живи во сенката на трговските гиганти“, вели соговорничката на Денар.