Во морето во Хрватска врие од медузи, во Црна Гора се ставаат црвени знаменца на плажите, а дел од најдобрите грчки плажи ги загубија сините знаменца, кои се знак за поседување меѓународна награда за квалитет. Албанците, пак, информираат дека водата на нивното приморје е одлична. Каде да се капеме годинава?
На оние што летуваат на Хрватското Приморје лекарите им советуваат задолжително да носат оцет со себе на плажа. Таму, според хрватските медиуми, врие од медузи, кои ги пецкаат капачите. Експертите објаснуваат дека причина за множењето на медузите е топлото време, кое ја прегреало морската вода. Според Денвник.хр, забележани се голем број медузи во заливите, каде што водата е поплитка и потопла. Станува збор за мали хидромедузи, наречени морски месечини, кои не се опасни. Лекарите советуваат добро да го измиете местото каде што ќе ве пецнат со морска вода, никако со слатка, да го премачкате со оцет или со лимонов сок и да го ладите со облоги. Но, ако изгореницата е поголема од дланката со раширени прсти, неопходно е веднаш да се јавите на лекар за да ви препише лекови. Морските месечини, кои во најголем број се забележани во околината на Хвар, се мошне мали, со полукружни капи, кои растат до 20 сантиметри, а препознатливи се по виолетовите точки на телото. Во околината на Црес, во плитките води биле видени 10-ина големи „компас медузи“, кои може да предизвикаат болни изгореници.
Вчера, грчките медиуми објавија дека вкупно 22 грчки плажи, од повеќе причини, меѓу кои и хигиената и безбедноста, ја загубиле меѓународната награда за квалитет „Сино знаме“. Од грчкото Друштво за заштита на природата, кое воедно е и национален оператор во меѓународната програма „Сино знаме“, соопштија дека по ненајавени посети на плажите, констатирале недостатоци поврзани со почитувањето на критериумите што се однесуваат на: услугите за капачите и посетителите (вклучувајќи ги и лицата со инвалидитети), хигиената, точните информации, безбедноста на капачите и посетителите, правилното управување со животната средина, како и зафаќањето слободен крајбрежен простор. Од Друштвото информираат дека, сепак, квалитетот на водата на тие плажи е одличен. Без сини знамиња останаа четири плажи на Крит, по три на Халкидики, Родос и Никсос, две плажи во областа Атика, поширокиот регион на Атина и на Крф, како и по една во Превеза и на островите Андрос, Милос, Миконос, Тинос. На овие плажи, капењето е безбедно, но уживањето е некомплетно.
Црногорското ЈП „Морско добро“ неодамна соопшти дека анализите покажале дека на 79,8 проценти од локациите квалитетот на водата е одличен, на 13,2 % е добар, додека на 1,8 % е лош. Со лош квалитет во јуни беше водата за капење на локациите Игало 1 и Игало 2, во Општината Херцег Нови, каде што се истакнаа црвени знаменца. Во јули, такви знаменца поради лош квалитет на водата беа ставени на дел од популарната Словенска плажа во Будва и на плажата Солила во Тиват.
Годинава нема информации за поставени црвени знаменца на плажите во Албанија, каде што летуваат голем број наши граѓани.