Германија воведе програма, која е многу слична на американската „Work and Travel“, за странски студенти кои сакаат да го поминат летото кај нив извршувајќи сезонски работи – од земјоделство и туризам до гастрономија и малопродажба.
Иако оваа програма е првенствено наменета за студентите од Европската Унија, таа го вклучува и целиот регион на Западен Балкан, вклучувајќи ја и Македонија поради регулативите усвоени од германската влада во 2015 година.
Исто така, од 1 јуни годинава, германската влада ја удвои квотата за работни визи за граѓаните од Западен Балкан на 50.000.
За да аплицираат студентите за сезонска работа мора да имаат „договор за вработување или понуда за работа во Германија“. Потоа Федералната агенција за вработување мора да ја одобри и да се осигури дека нема квалификувани кандидати од Германија или од ЕУ на располагање за истата позиција. Исто така, студентите не смеат да примаат никакви бенефиции како барател на азил – според Законот за бенефиции на барателите на азил, во изминатите 24 месеци.
Доколку ги исполнат сите овие потребни работи, следува процесот на аплицирање кој се одвива во германската амбасада. Од документацијата треба да приложите договор за вработување или обврзувачки договор – на кандидатите над 45 години им е потребен договор за вработување кој гарантира годишна плата од 49.830 евра бруто. Потребно е да понесете и валиден пасош, лична фотографија (големина како за пасош), доказ за доволно финансиски средства, здравствено осигурување и каква било конкретна документација што амбасадата може да ја побара.
Исто така има и програма „au pairs“ – или работа како дадилка во германско семејство. За да работите како дадилка, мора да имате 18 години кога ќе ја започнете работата и под 27 години кога аплицирате за дозвола за престој. Потребно ви е и основно познавање на германски јазик (најмалку А1), дека не сте поврзани со семејството во кое престојувате и дека сте способни да работите како дадилка најмалку 6 месеци – а најмногу една година. Семејството домаќин го наоѓате сами, а тоа можете да го направите преку платформите AuPair, AuPairCare, AuPairWorld или други доверливи агенции.
Постапката е слична како и за другите работни места, треба да закажете термин во амбасада, а потребно е апликација, пасош плус копија од него, CEFR A1 ниво на германски јазик, доказ за здравствено осигурување, CV плус мотивациско писмо, надомест за виза кој изнесува 75 евра.
Во однос на работните места, ќе имате голем избор. Од сезонските во земјоделството, типични се бербата на овошје и зеленчук, како и земјоделските работи – идеалното време за такви работни места во Германија е меѓу март и октомври. Во угостителството, работата во хотели, ресторани и кафулиња е секогаш достапна: од позиција на келнер и готвач до рецепционер. Во текот на летото се одржуваат и музички и филмски фестивали. Во оптек има малку повеќе физички работи (екипа за поставување и отстранување на сцената), работа како фотограф, продавач на сувенири и келнер. Работни места има и во големи синџири како Мекдоналдс, Лидл и други – касиерски позиции, работа во кујна и магацин.
Оваа програма е наменета за студенти од земји со ниски приходи, па затоа саатниците се од 12 до 20 евра.