Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство денеска преку соопштение информира дека Земјоделскиот институт – Скопје завршил со пресметката на производната цена на килограм винско грозје за двете најзастапени сорти за 2024 година, Смедеревка и Вранец.
„Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство земајќи ја во предвид пресметката на Земјоделскиот институт – Скопје за производната цена на килограм винско грозје за двете најзастапени сорти за 2024 година, зголемена за 25% согласно Законот за вино.
Цената на килограм грозје Смедеревка со пресметаните 25% ќе изнесува 18,3 денари.
А, цената на килограм грозје Вранец со пресметаните 25% ќе изнесува 20,8 денари.
Имено да потсетиме дека производната цена за килограм винско грозје за двете најзастапени сорти за 2024 година се пресметува согласно Законот за виното (Службен Весник 74/24) и по Методологија за пресметка на трошоците за производство на килограм винско грозје на определена површина и соодветен квалитет (Службен Весник 146/24).
Претходно Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство спроведе Јавен конкурс за избор на институција и склучи Договор со Земјоделски институт – Скопје за вршење на услугата.
За денеска најавена е средба со менаџментот на Винските визби и откупувачи, каде ќе се дискутира за новите цени и откупот на грозје“, велат од Министерството.