На пазарите има и големи лубеници кои тежат и по 20 килограми, но земјоделците и трговците велат дека купувачите обично бираат помали лубеници, поради цената, за да им испадне поевтино, а освен тоа помалите се полесни за носење и воедно купувачите сакаат да ја консумираат истиот ден додека е свежа, односно да не им заостанува и да изгуби на квалитет.
Низ Македонија цените варираат, а конкретно на пазарот во Куманово кој го посетивме, килограм лубеница чини 20 денари, додека дињите се поскапи, односно ги има по цени од 50 денари за килограм, па дури и поскапи. Земјоделците велат дека најбрзо се продаваат оние лубеници кои тежат по 3-4 килорами, додека муштериите поретко ги земаат оние со тежина од 17 или 20 килограми.
„Повеќе ги купуваат помалите, а поголемите се поблаги, поубави. Земаат лубеници од 4, 5, 8 килограми. Помалите им се полесни за носење и поевтини се. За 90,100,110, 120 денари луѓето можат да си купат лубеница. Уште 10 дена очекувам да продавам лубеници. Многу беше жешко времето и лубениците горат на топлото. Дињата е поскапа, чини 50 денари за килограм, а во маркетите е поскапа“, вели Аднан Невзати, земјоделец.
Дневно еден земјоделец може да продаде од 100 до 150 лубеници, а количините на продадена диња се помали.
„Тешко е да се произведе и лубеница. Град може да го уништи родот, пречи и сонцето и не може многу да стои на нива, мора да се бере и продаде, инаку родот ќе скапе“, додава Невзати.
Друг трговец вели дека лубениците отсекогаш биле побарани, додека дињата е во втор план.
„Ако нема дињи во сезоната, тогаш ги бараат, но ако има голема количина како сега, продажбата оди потешко. Сите гледаат да си земат помало парче, сакаат поевтино“, додава трговец.
Според податоците на Државниот завод за статистика (ДЗС) лани во Македонија се произведени 438 тони лубеница, а во 2022 година количините биле 806 тони. Што се однесува до дињите, производството е многу помало, односно од 2020 година наваму имаме многу помали количини на дињи. Според податоците од пописот на земјоделството од 2007 година, под лубеници биле 3.342,80 хектари, а под дињи 545,26 хектари.