На кој се му следува К-15?
Според Општиот колективен договор на приватниот сектор од областа на стопанството кое е задолжителен и за работодавачите и за вработените во приватниот сектор работникот има право на регрес за годишен одмор под услов да работел најмалку шест месеци во календарската година кај ист работодавач.
Дали на вработените во државна администрација им следува К-15?
Според Гранскиот колективен договор за органите на државната управа стручните служби на Владата, судовите, јавните обвинителства, казнено – поправните и воспитно- поправните установи, државното правобранителство, општините и Градот Скопје, општините на градот Скопје, агенциите и фондовите и органите кои ги основа Собранието на Република Северна Македонија, вработените кои засновале работен однос во наведените работодавачи имаат право за регрес за годишен одмор во висина од најмалку девет илјади денари нето под услов да работеле најмалку шест месеци во календарската година кај работодавачот.
Колку изнесува минималниот, а колку највисокиот К-15?
Во Општиот колективен договор за приватниот сектор од областа на стопанството е предвиден регрес за годишен одмор во висина од најмалку 40 % од основицата за пресметување на работниците. Со колективен договор на ниво на дејност или ниво на работодавач може да се утврди регрес за годишен одмор во повисок износ од износот утврден во наведениот колективен договор. Кај работодавачите кај кои настанале тешкотии во работењето, ценејќи ја економско-финансиската состојба со спогодба потпишана од работодавачот и репрезентативната синдикална организација може да се утврди регрес за годишен одмор во помал износ од износот утврден во наведениот колективен одговор. Кај работодавачите кај кои нема формирано синдикат спогодбата се потпишува со избран претставник од работниците.
До кога работодавците треба да исплатат К-15?
Регрес за годишен одмор се исплатува еднаш во текот на годината, а најдоцна до крајот на тековната година.
Каде да се обратам ако не ми исплатат К-15?
Ако работникот смета дека работодавачот не го обезбедува неговото право за регрес на годишен одмор може да поднесе претставка во Државниот инспекторат за труд заради утврдување на евентуални неправилности. Според Законот за работните односи работникот може паричните побарувања од работен однос да ги остварува непосредно пред надлежниот суд.
Дали некои фирми имаат ослободување од плаќање К-15?
Според Општиот колективен договор за приватниот сектор од областа на стопанството одредбите на колективниот договор кои се однесуваат на регресот за годишен одмор се задолжителни за сите работодавачи во приватниот сектор.
Дали има казни за работодавачите што нема да исплатат К-15?
Според Законот за работните односи Државниот инспекторат за труд врши надзор на колективните договори и по утврдување на евентуални неправилности во поглед на исполнувањето на обврската на работодавачите за исплата на регрес на годишен одмор за работниците се преземаат мерки предвидени во законот.