Денеска започнува вакцинацијата против сезонскиот грип, за што Министерството за здравство обезбеди 70 илјади бесплатни вакцини
Бесплатната вакцина е наменета за ризичните групи, вклучувајќи лица над 65 години, лица со хронични заболувања, здравствени работници, бремени жени, деца на возраст од шест месеци до пет години, како и лица и вработени во установи за социјална заштита на стари лица.
Вакцинацијата ќе се спроведува на 36 локации низ државата, а сите пријавени граѓани добиваат СМС порака со точен датум, време и место за вакцинација. Во Скопје, вакцинацијата ќе се врши во Центарот за јавно здравје и поликлиниките Букурешт, Идадија и Бит Пазар, додека здравствените работници ќе можат да ја примат вакцината и во Институтот за јавно здравје.
Покрај бесплатните вакцини, во Центрите за јавно здравје се достапни и комерцијални вакцини за сите граѓани кои не спаѓаат во ризичните групи, но се заинтересирани да се вакцинираат.
Извор: „тв21“