ШЕСТ НОВИ АВИОНСКИ ДЕСТИНАЦИИ ВО 2025 ГОДИНА, СЕ ОЧЕКУВААТ ПЛУС 200 ИЛЈАДИ ПАТНИЦИ
Од Скопје ќе се лета до Дубаи, Барселона, Лион и Штутгард, а од Охрид до Базел и Истанбул. Тоа се шестте нови дестинации што ќе ги имаат на располагање македонските граѓани од двата домашни аеродроми.
Како што информираше министерот за транспорт, Александар Николоски, од скопскиот аеродром два пати неделно „Флај Дубаи“ ќе се лета на релација Скопје-Дубаи-Скопје (од 30 март). „Виз ер“ два пати неделно ќе лета на релацијата Скопје-Барселона-Скопје (од 30 јуни), додека, по три пати неделно ќе лета Скопје-Лион-Скопје (од 30 јуни) и Скопје-Штутгард-Скопје. На охридскиот аеродром, новина се линиите Охрид-Базел-Охрид која ќе биде опслужувана два пати неделно од „Виз ер“ и „Туркиш ерлајнс“ на редовната линија Охрид-Истанбул-Охрид (од 30 март) за која ќе има четири ротации неделно.
Министерот информираше дека државата субвенционира 12 евра по патник на доаѓање на охридскиот аеродром и 9 евра по патник на доаѓање на скопски аеродром. Очекувањата на Николовски се дека со отворањето на овие нови дестинации, да донесат плус 200 илјади патници.
– Директно поврзување со Дубаи, Барселона Штутгард, Лион, Базел и Истанбул се прекрасна вест која ќе донесе бројни нови туристи и полесно патување за македонските граѓани – рече Николовски кој најави дека во подготовка е вториот повик за субвенционирани летови кој треба да се објави кон крајот на ноември и да донесе нови дестинации.
Во моментов, на скопскиот аеродром во лето оперираат 47 дестинации, а на охридскиот осум, додека, во зимскиот период 38 од скопски и четири од охридски аеродром.
Средба во Софија на 31 октомври за пругата кон Бугарија
Претставници на Македонија и Бугарија на 31 октомври во Софија ќе разговараат за наоѓање заедничко решение за завршување на пругата од Коридорот 8 од двете страни на границата.
– Бугарската министерка за транспорт потврди дека немаат проект што би го завршиле до 2026 година, а би го изградиле до 2030 година. Ако ние го потпишевме тендерот во октомври 2024, требаше да се заврши октомври 2028, а сама Бугарија вели дека ќе работи до 2030 година – појасни министерот.
Николоски потенцираше дека пруга со Бугарија ќе има во оној момент „кога ние и Бугарија ќе се договориме дека заеднички ќе ја завршиме пругата, затоа што поентата е Скопје и Софија да се спојат и цената да биде ревидирана“.
– Не може ние да платиме 560 милиони евра за 24 километри пруга. Недозволиво е, прескапо е, никаде во светот го нема тоа. Брза пруга се гради за 10-12 милиони евра по километар, тука пруга со 60-80 километри на час, спора пруга да чини 24 милиони евра. Недозволиво е толкава да е разликата, каков сака нека е теренот – дополни тој.